Со громогласна поддршка од трибините црвено-црните го забележаа шестиот триумф во групната фаза и заслужено го прескокнаа Кјелце на табелата.
Иако играше без носителите на играта Вуко Борозан, Мораеш и Горбок, Вардар го скроти силниот полски претставник.
Кјелце водеше само на стартот од мечот а во продолжение избраниците на Парондо го диктираа темпото. Дејан Милосављев блескаше на голот и одново беше ветер во грб за соиграчите.
После 10' минута Вардар водеше 4-3 а потоа со фуриозна серија отиде на 6-3. Овие 3+ скопскиот состав ги чуваше до 22' минута, а тогаш Карачиќ му донесе поголема предност на својот тим (12-7) - најголема позитива за Вардар.
Во тој период од играта сјајно доминираше Кристијан Дисингер кој од далечина постигна неколку прекрасни погодоци. На паузата се отиде со 14-11 за Вардар.
На оградата на една од трибините во салата некој навивач оставил парола „Талант петух“ што на руски значи „Талант педер“. Овој момент многу го налутил тренерот на Кјелце кој на пресот после мечот отворено зборуваше дека сака да се пресмета лично со авторот на оваа парола („нека дојде лице во лице“).
Неговиот син, Алекс Душебаев кој беше еден од најзаслужните за историската европска титула на Вардар, но поради непристојниот однос на првиот меч во Полска меѓу Кјелце и Вардар кога доби црвен картон, навивачите на скопскиот клуб го пречекаа со свирежи.
Алекс не очекувал вакво нешто затоа што пред мечот изјави дека му е мило што се враќа во Скопје, на теренот каде ги доживеал најубавите моменти во кариерата. Од друга страна, фантастичен пречек навивачите на Вардар спремија за Лука Циндриќ кој се гушкаше со сите некогашни соиграчи и доби громогласни аплаузи од трибините.
Солидната разлика се одржа и во вториот дел а во еден момент Вардар отиде на +5. Но против екипи како Кјелце не смее да доаѓа до опуштање, состојба која му се случи на Вардар, па Полјаците на 5 минути пред крајот со неколку експресни контри се вратија на само 26-25.
Дисингер и Игор Карачиќ решија да преземат одговорност и да зголемат на 28-26 а голманот Гедбан можеби го имаше моментот на мечот со фантастична одбрана. На крајот Кјелце само намали на 28-27 и тоа беше конечен резултат.
Вардар сега останува во игра за првото место што би значело далеку покомфорен пат во следната рунда.
Високиот див Криштопанс беше играч на мечот со шест гола и со маестрална партија во одбраната каде беше како бедем. Дисингер, Скупе и Чупиќ дадоа по четири гола а Дејан Милосављев имаше 11 одбрани. Кај Полјаците, Алекс Душебаев беше најдобар стрелец со шест гола.
Следниот меч „црвено-црните“ го играат на 6. февруари кај Рајн-Некар а до тој момент ќе биде втор во групата со 13 бода (1 повеќе од вечерашниот противник).