Вардаровата фурија испиша нова историја за македонскиот ракомет

По три неуспешни обиди, ракометарите на Вардар успеаа да се пласираат онаму каде што сонуваа и тие и навивачите, во големата четворка на европскиот ракомет. Флензбург не мрдна во Јане Сандански и се соочи со одмазда од 2014-та.

Посакуваниот сон наречен Фајнлфор во Келн за ракометарите на Вардар денеска стана реалност. Флензбург падна на колена и во реванш четвртфиналната пресметка од Лигата на шампионите.
 
Вардар едноставно блесна и на двата дуели и заслужено влегува во друштво на најдобрите четири екипите на континентот. Историскиот подвиг се случува во четвртиот обид на Вардарци кои беа елиминирани на претходните четвртфиналиња од Флензбург, Кјелце и Веспрем.
 
Момците на Луис Гонзалес во текот на цел натпревар беа во водство и не излегоа од ритам 60 минути. Дека ова ќе биде уште една шлаканица за Германците покажаа уште во првото полувреме кое го добија со 15:10 и вклучувајќи ги оние +2 од првиот дуел, тоа се недостижни 7 гола предност.
 
Покрај одличниот Арпад Штербик кој имаше шест одбрани, во напад најрасположени беа Лука Циндриќ со четири и Шишкарев и Борозан со по три погодоци за 30 минути игра.

Вардарци немаа поддршка од Комитите кои поради протест кон управата мечот го следеа пред сала на видео бим, но и покрај тоа публуката во Јане Сандански грмеше на секој гол.
 
Во вториот дел Флензбург со секоја измината минута беше се подалеку од Ф4, затоа што Вардар го зголемуваше водството, а навивачите скандираа „Auf Wiedersehen“ (пријатно).
 
Во неколку наврати од мечот имаше предност од +9, а на крајот победи со 35:27. Најпрецизен кај Црвено - црните беше Лука Циндриќ со 7 гола, а Штербик го заврши мечот со 10 интервенции.
 
Фајнлфорот во Келн се игра на 3 и 4 јуни, а противникот на Вардар допрва ќе се одреди.
 
27 април 2017 - 20:41