Вардарки се изнамачија за победа во Копривница

Ракометарките на ЖРК Вардар стигнаа до втора победа во низа и со овој триумф на гостински терен против Подравка со една нога се наоѓаат во втората фаза од ракометната Лига на шампиони.

ЖРК Вардар имаше предност на стартот од мечот од 3:2, но не искористи три напади по ред, а Подравка направи пресврт и оствари предност од 6:3. Кастратовиќ се обиде со тајм аут да им ја прекине серијата на домаќинките, но тие продолжија со добрата игра и стигнаа до +5.

По серијата загубени топки и лошата организација во играта, Вардарки со голот на Лекиќ по дури 10 минути успеа да постигне гол, но тоа не го подигна нивото на игра и за само 10 минути неочекувано аутсајдерот во оваа група водеше со 10:4.

Серијата на Црногорките заврши, а нашите ракометарки стигнаа до 4 погодоци по ред и ја стопија големата негатива. Најдобра во првиот дел беше Пенезиќ со 4 погодоци, а на пауза се замина со 13:11 за Подравка.

Македонскиот шампион влезе во подобар ритам во второто полувреме, а пресвртот се случи во 37 минута со голот на Јованка Радичевиќ која го постигна само вториот погодок сезонава во Лигата на шампиони.

Натпреварот влезе во период во кој и двете екипи често го менуваа водството, а најмногу се разигра Андреа Лекиќ која на средина од вториот дел постигна три гола во низа за 22:22. Првата предност на мечот од +2 ја обезбеди Николиќ од пенал на четири минути до крајот.

Подравка беше упорна и возврати со подогок, но Радичевиќ постигна многу важен гол за уште една предност од два погодока. Црногорските ракометарки намалија, а мечот беше решен откако извонредната Суслина одбрани зицер кој ќе донесеше нерешен резултат на 90 секунди до финишот.

Дембеле на ЖРК Вардар му донесе трето водство од +2, а Подравка на крајот имаше време само за еден гол со што ги постави конечните 26:27.

Најдобри во нашиот тим беа Лекиќ со 7 и Пенезиќ со 6 гола, а Ина Суслина го заврши мечот со 14 одбрани.

Следниот викенд Вардарки ја пречекуваат Подравка на домашен терен.

2 ноември 2014 - 18:45