По минато неделниот пораз од Рајн Некар Левен пред преполниот СЦ „Јане Сандански“, македонскиот шампион и вечерва претрпе пораз што значи дека зимата ќе ја помине на третото место во групата Б со 12 бода (шест триумфи, три порази).
Со вечерашниот триумф, Кјелце не само што му се одмазди на нашиот првак за дебаклот во Скопје, туку и ја презеде лидерската позиција.
Уште од самиот почеток вечерва Полјаците наметнаа свое темпо и пред крцата сала поведоа со 3-1. Вардар некако успеа да се стабилизира и со головите на Алекс Душебаев направи одлична серија од 0-3 и израмни на 4-4.
Офанзивниот и вечерва расположен домаќин брзински ја одржуваше разликата од гол-два.
По речиси 5 месеци пауза поради повреда на Олимписките Игри во Рио, кај Кјелце одново заигра нивниот најдобар играч, опоравениот Михаил Јурецки.
Во последните шест минути од првиот дел Вардар имаше драстичен пад на концентрацијата и Кјелце со опасна серија од 3-0 поведе 14-11 на три минути пред крајот на првиот дел. Како и против Рајн Некар минатиот викенд, така и вечерва Вардаровите голмани не беа на нивото и на паузата полскиот тим имаше предност од 15-12.
Раул Гонзалес очигледно на полувремето одржал добар говор, а тоа се покажа на стартот на вториот дел кога Вардар заигра поагресивна и погруба одбрана, а Страхиња Милиќ конечно врза три зицери. На другата страна Душебаев со два гола намали на 16-14, но немаше поддршка од соиграчите.
Пред стартот на последните десет минути од мечот Вардар израмни на 22-22 преку Дибиров (негов четврти гол). Во тој период Милиќ бранеше одлично, му одрани пенал на Агинагалде а веднаш потоа и удар од одбиената топка.
Можеби клучен момент од мечот беше оној на седум минути пред крајот кога Вардар неспретно изведе една измена и добија исклучување од судиите. Кјелце тогаш поведе 23-22 а до крајот само рутински ја потврди победата од 27-24.
Во составот на „Црвено-црните“ најефикасне беа Игор Карачиќ и Алекс Душебаев со по пет гола, Страхиња Милиќ одбрани 12 шута а кај Кјелце водечи стрелци беа Рајхман, Штрлек и Агинагалде со по четири гола.
По овој меч Вардарци ги чека долга пауза во ЛШ, а во меѓувреме во јануари во Франција ќе се одржи и Светското првенство. Следното коло Вардар ќе го игра на 11. февруари во Скопје против ППД Загреб.