Задачата да се елиминира уште еден силен германски претставник во Лигата на шампионите, но и анулирањето на навидум малата предност од два гола од првиот дуел, како да им создадоа голем притисок на нашите ракометари кој се рефлектираше на овој дуел.
Лоши беа стартните 10 минути од средбата во кој Вардар не успеа да постигне гол од игра. Фленсбург во тој период направи предност од 2:5, а погодоците за нашиот состав ги постигнаа Дибиров и Карачиќ од пенал.
Германците беа надмоќни, играа брзо, концентрирано, а го имаа и одличниот Андерсон на голот. Нашите ракометари како да беа во стеги, го немаа оној жар од првата средба и тешко стигнуваа до реализација. За одбележување на овој меч беа и строгите критериуми на судиите кои многу често го покажуваа жолтиот картон и исклучуваа играчи на двете страни.
Вардар резултатски не успеа да стигне под два гола негатива, а на три минути до крајот имаше максимални -5, со кои отидоа на паузата 10:15. Германците одлично го започнаа и второто полувреме во кое стигнаа до највисоки +6, но нововлезениот Милиќ набрзина освежи со две интервенции, а Вардарци направија серија од 3:0.
Тоа им донесе мотивација на Вардарци кои го покажаа своето вистинско лице на овој натпревар, како на пресесметката против Хамбург. Одбраната почна да функционира беспрекорно, Милиќ почна да брани како Ангелов на првиот дуел, а Германците се соочија и со пеколната атмосфера во „Борис Трајковски“.
Публиката се крена на нозе, а македонскиот шампион влезе во фантастична серија од 5:0 за прво водство на мечот во 47 минута од 20:19. Фленсбург израмни, но балканскиот инает беше посилен и потоа следуваше серија од 4:0, за предност од 24:20.
Вардарци уште три пати до крајот имаа предност од +4 за историски пласман во фајнлфор, но мечот имаше трилер завршница. Германците на нешто повеќе од минута до крајот постигнаа погодок, Вардар потоа не реализираше, а на 10 секунди до крајот Фленсбург погоди пенал кој значеше полуфинале.