Ждрепка за Ф4

Вардар ќе бие битка со Барса за големо европско финале

По 196 меча во Лигата на шампионите, четири најдобри тима во Европа ќе се борат за вредниот трофеј на 10. издание на Фајнал Фор, на 1 и 2 јуни во Келн. Меѓу нив е и скопски Вардар.

Парови на Фајнал Фор од Лигата на шампионите:

БАРСА ЛАСА - ВАРДАР
ВЕСПРЕМ - КИЕЛЦЕ

Полуфиналните дуели се закажани за 1 јуни (сабота) а големото финале е на 2 јуни (недела).

По трет пат во својата клупска историја, Вардар ќе игра на турнирот на четирите најдобри на континентот. Што се однесува до ривалите: Барселона, Веспрем и Киелце, „црвено-црните“ со секој од нив имал меѓусебни дуели, дали во групната фаза, дали во нокаут рундите.

Сезонава сите овие четири клуба играа меѓу себе во групата А каде Скопјани имаа 2 порази од Барса, по славје и пораз со Кјелце и Веспрем.

Севкупно, против Барселона, македонскиот шампион има 6 порази, 2 победи и 1 реми. Најдрагоцена победа против Каталонците Вардар забележа на култниот Ф4 2016/2017 кога ги совлада во полуфиналето на патот до златото.

Против унгарскиот гигант Веспрем Вардар има 1 победа и 1 реми со 4 порази, а со полски Киелце 3 победи и 5 порази.

Необичен факт е што во Келн каде Вардар беше крунисан за европски владетел пред 2 години, сега сите четворица тренери ќе бидат Шпанци (Парондо/Вардар, Давид Дејвис/Веспрем, Талант Душебаев/Кјелце и Чави Пасквал/Барселона).

Блауграна по рекорден седми пат ќе зачекори на Фајнал Форот и тоа е најмногу од сите останати клубови во Европа. Веспрем по петти пат ќе се бори за највредниот трофеј, полски Киелце четири пати а Вардар по трет пат е на Ф4.

Токму Барселона е најтрофејниот клуб во Лигата на шампионите со дури 9 освоени титули, а германскиот Гумберзбах има пет пехари.