Ракометарите на Веспрем ја одбранија титулата во СЕХА лигата, откако вечерва беа подобри од Вардар во првата од трите предвидени борби меѓу овие два големи ривали кои ќе се судрат и во четвртфиналето од ЛШ.
Јуришно тргна Вардар кон голот на Веспрем уште од самиот старт и тоа резултираше со предност од 4-1 после 4 минути игра. Шишкарев и Лука Циндриќ погодуваа од различни позиции и црвено-црните имаа добра контрола врз случувањата на теренот.
Во осмата минута, Вардар го стекна највисокото водство 7:3, но Унгарците носени од преку 2.000 свои навивачи не дозволија отпорот да биде лесно скршен. Вардар имаше поддршка од близу 50 свои навивачи кои отпатуваа во Хрватска.
Голот на македонскиот шампион од стартот го чуваше Страхиња Милиќ кој имаше неколку атрактивни одбрани, а Арпад Штербик веднаш по влегувањето во игра покажа дека не му прави никаква разлика дали го почнал мечот или влегол од клупата.
Шпанскиот репрезентативен голман беше факторот кој му донесе разлика на Вардар во првиот дел, затоа што сопре неколку удари од далечина и одбрани чисти зицери на унгарскиот шампион.
Сепак падот на концентрацијата во одбраната на Вардар како да беше неминовен и Веспрем со неколку погодоци во серија израмни на 9-9 на истекот на 14-та минута. Иницијатор на резултатското враќање на актуелниот европски вицешампион беше нивниот најдобар играч, Момир Илиќ кој постигна 6 голови во првото полувреме.
Сепак, Вардар повторно се издигна и успеа со 2 гола на Игор Карачиќ на паузата да отиде со водство 15-14. Во првите 30 минути Илиќ даде 6 голови за Веспрем, а Шишкарев и Циндриќ 3 за Вардарци.
Тимур Дибиров го немаше никаде во првиот дел, но во вториот постигна 4 голови и брзо стана прв стрелец во Вардар.
Се играше гол за гол, Веспрем го презема водството од еден гол предност, а Вардар константно израмнуваше, па во 46-та минута беше 22-22. Резултатскиот тренд Вардар го смени со водство од 23-22 со голот на Алекс Душебаев во 48. минута од мечот, но техничките грешки на Вардарци му овозможија на Веспрем одново да поведе на 9. минути пред крајот 25-24.
Унгарците за првпат на мечот поведоа со два гола разлика на 6 минути пред крајот (27-25), а тоа беше период кога Веспрем некако лесно постигнуваше голови, а Вардар нервозно ги завршуваше нападите. Конечно Вардар одигра добра одбрана во финишот, Штербик фати три топки по ред, но на другата страна Мирко Алиловиќ со помош на стативата го скроти шутот на Циндриќ и не им дозволи на Скопјани да израмнат.
Славјето на унгарските навивачи почна на минута пред крајот кога Веспрем поведе со 28:26, конечниот резултат на крајот. Веспрем во петтата сезона во СЕХА ја освои четвртата титула, а Вардар по втор пат загуби во четвртото финале. Лука Циндриќ со 5 гола беше најефикасен кај Вардар,Тимур Дибиров постигна 4 колку што даде и Алекс Душебаев. За МВП на турнирот беше прогласен Момир Илиќ кој даде 7 голови во финалето.
Во дуел за третото место на Фајнал форот на СЕХА лигата, ППД Загреб го совлада Мешков Брест со 24:23. Златко Хорват со 8 голови беше најзаслужен за третото место на Загрепчани кои во ЛШ го направија најголемото изненадување откако на гости го совладаа реномираниот фаворит Рајн Некар.