Пред преполна сала и неверојатна поддршка од најверните Комити кои утре ќе прослават јубилеј 30 години постоење, ракометарите на Вардар го забележаа и петтиот триумф против Рајн Некар.
Без Рожерио Мораеш и Лука Циндриќ, двајца првотимци во составот, Вардар мораше да тргне жустро уште од самиот старт. Очигледна беше намерата на Раул Гонзалес преку бетонски цврста одбрана да ги принудува гостите на подолг напад а тие во таква ситуација грешеа и беа казнувани.
Од поментот кога Вардарци ја презедоа резултатската иницијатива гледалиштето навиваше уште попеколно па еуфоријата донесе и убедливи седум гола плус (15-8). По страшните налети на „црвено-црните“ Рајн Некар успеа да се соземе и да покаже дека незалудно е меѓу главните фаворити за завршницата.
Германците успеаа да се вратат на 17-13 преку Сигурдсон и со тој резултат се замина на паузата. Неочекувано, во првиот дел Арпад Штербик беше далеку под своето ниво со само три одбрани, но еден од поважните моменти на мечот беше токму неговата одбрана на ударот на Ларсен кога Вардар одново тргна во јуриш.
Карачиќ даде прекрасен гол по една бравурозна акција и домаќинот отиде на 20-15, позитива за која Рајн Некар немаше сили да ја стигне па Вардар заслужено победи 30-26.
Играч на мечот беше Вуко Борозан со седум гола, Чупиќ запиша шест а гигантот Кристопанс со пет ефектни погодоци. Во следното коло Вардар гостува кај Рајн Некар во Мајнхајм. После девет одиграни кола, европскиот првак има учинок 8-1-0.