Убедлив триумф на Вардар во Лига на шампиони

Без Вуко Борозан во екипата, ракометарите на Вардар со 30-23 го совладаа Мешков Брест и се вратија на победничка патека во елитното натпреварување.

Почетокот на мечот мина во знак на гостите кој се окуражија по неколку одлични одбрани на нивниот голман Иван Пешиќ и во првите неколку минути одржуваа водство од гол-два.

За ваквиот старт придонесе нешто послабата игра на Вардарци во одбраната и пред сè на недоволно разбудениот голман Милосављев на кого му требаа 16 минути да ја одбрани првата топка.

Од тој момент Карачиќ ја презеде одговорноста и „црвено-црните“ направија серија од 3-0 за прва позитива од 9-8. Ваквиот разој на настаните го принуди гостинскиот тренер Кадењас да повика тајм-аут а веднаш потоа неговиот тим со два гола да ја врати предноста.

До крајот од првиот дел и Вардар и Мешков ги реализираа своите напади па на паузата се замина со резултат 14-14.

Во вториот дел Вардар како да го репризираше почетокот на првите 30 минути па за машината да се запали требаа неколку минути. Прв кој го стори тоа беше Хрватот Карачиќ кој одигра маестрален меч и со својот осми гол му донесе на Вардар убави +2 (19-17). Огромна поддршка вардаровите ракометари имаа и од нововлезениот голман, Алжирецот Калифа Гедбан кој го замени индисонираниот Милосављев и бранеше како во транс!

Поголемата сигурност во одбраната придонесе за неколку брзи контри и полуконтри па Вардар фуриозната игра ја круниса со серија од 5-0 за 25-19. Кулминација беше одбранетиот пенал на и победникот веќе почна да се наѕира. Речиси сите напади на Мешков Брест ги стопираше резервниот голман на Вардар Гедбан, кој по вечерашната партија сериозно конкурира за местото прв голман во тимот.

Точка на вечерашниот меч стави Игор Карачиќ кој ги постигна конечните 30-23 и мечот го заврши со неверојатни 11 погодоци од 14 шута! Шест гола кај Вардарци дадоа Тимур Дибиров и Иван Чупиќ а кај гостите Александер Шкурински даде пет гола. Калифа Гедбан се покажа во најдобро светло пред скопската публика со 11 одбрани.

Во следното коло, на 11 ноември Вардар во дербито на групната фаза во Лигата на шампионите ја пречекува силната Барселона.

3 ноември 2018 - 19:30