Од стартот па сè до десеттата минута се играше израмнето. Бешикташ првпат се одлепи на два гола позитива откако Металурзите при резултат 4-4 имаа две стопостотни шанси за предност но не реализираа.
Турскиот состав во еден момент поведе и со три гола предност но македонскиот вицепрвак ја стабилизираше одбраната и не дозволи рано бегство на Бешикташ. Напротив, во 22’ минута Металург благодарение на головите на Маџовски и Рибеиро израмни (9-9).
Првото водство на скопскиот тим му го донесе Шпенде со ефектен гол (10-11). Бешикташ во првиот дел играше на крилата на Рамазан Доне кој со шест погодоци беше најефикасен на мечот.
На паузата се отиде со нерешен резултат 12-12 откако Бешикташ преку Токиќ спаси негатива на полувремето.
Вториот дел му донесе рана и брза предност на Бешикташ но Металург одново пружи силен отпор и резултатот го одведе на своја воденица (16-17). Најзаслужен за тоа беше Марио Танкоски кој на 10 минути пред крајот со неколку убави голови ја чуваше позитивата на составот од Автокоманда.
По тој период следуваа „црните минути“, период од 6 минути во кои момците на Данило Брестовац не постигнаа гол. Во финишот Металург не реализираше пенал (дури петти промашен на мечот), а Токиќ на другата страна израмни на 21-21.
Конечниот резултат го постави некогашниот миленик на вардаровите навивачи, македонскиот репрезентативец Немања Прибак кој даде гол на смаиот крај за 23-22. Последен напад имаше Металург чии ракометари несмасно проигруваа еден со друг и ја загубија топката.
Најефикасен во победничкиот тим беше Рамазан Доне со 9 гола од кои 6 во првиот дел. Хемдани, домашниот голман собра 14 одбрани, а Немања Прибак даде само еден гол и се испостави дека токму тој погодок ја реши средбата. Кај Металург Танкоски и Токиќ дадоа по пет гола.
Бешикташ – Металург 23:22 (12:12)
Бешикташ: Доне 9, Демирезен 5, Ерсин 3, Ласица 2, Налбантоглу 1, Прибак 1, Сарак 1, Томиќ 1, Билим, Буљубашиќ, Гунај, Хендави, Каратај, Кочаарслан, Нуиќ и Јагмуроглу. Седмерци: 3/3. Исклучувања: 2 минути.
Металург: Томовски, Даниловски, Танкоски 6, Томиќ 5, Маџовски 3, Рибеиро 3, Шпенде 3, Лазаревски 2, Арсеновски, Димитриоски, Јагуриновски, Миличевиќ, Пучник, Серафимов, Стојановиќ и Велковски. Седмерци: 0/5. Исклучувања: 2 минути.