Фини се Јутјуб подкастите кои во последно време сè повеќе ја освежуваат медиумската сцена со гостувања на наши истакнати луѓе од спортот. За време на Мундијалот не ги испуштавме емисиите насловени како „Тоа е фудбалот“ со Златко Калински.
Сега изгледавме уште едно издание на „Само Ракомет“ после она со Кире Лазаров. Гостинот е супер интересен, а тоа е Илија Темелковски со кој се врзани најголемите успеси на машкиот репрезентативен ракомет.
Пред да го оствари 11-то место на Мундијалот во Хрватска со што се прекина 10 годишната пауза на Македонија на големите натпреварувања, популарниот Икиќ со голем дел од тие момци постигна историски резултати во младинскиот ракомет и тоа на две европски по ред, а потоа и на Светско.
Деветто место на ЕП Грција 2000, па четврто место на ЕП 2002 во Полска. Внимавајте добро, ова мора да го знааат помладите. Македонија на тоа Европско промаши пенал за финале и тоа против домаќинот Полска, што ќе значеше и сигурно освојување на медал. Негово е и шестото место и на младинското Светско 2017.
Покрај за тренерската, Темелковски раскажува и многу пикантерии од играчката кариера. Бил 10 години дел од Пролет, паралелно и член на младинската репрезентација на Југославија со која освоил балканско првенство и турнир Карпати во Романија. Тогаш одбил понуди од Дубочица, Црвена Ѕвезда, Железничар Сараево, Црвенка кои биле прволигаши.
Потоа ги налутил навивачите на Пролет бидејќи направил трансфер во големиот ривал Вардар. Со Железничар Ниш има европско финале, а на 32 години заиграл во италијанскиот ракометен шампионат, ама од втора мајка. Првиот пат останал без договор поради тоа што неговиот менаџер ги лажел Италијанците за сумата за да извади два пати повеќе од вредноста на Икиќ и да ги стави парите в џеб.
Во тоа време во било кој спорт до 28 години не смеело да се напушта Југославија и да се игра во странство. Темелковски на 29 години заминал на проба во Шпанија и за влакно не заиграл заедно со Талант Душебаев.
Откако со Железничар Ниш го освоил Купот на Југославија, играл финале во Купот на Куповите на победниците во Дортмунд пред 15.000 публика. 50 минути играле со играч помалку и загубиле тесно 15:13.
Пеколното темпо на СП 2009 на кое Кире Лазаров ослабел 7 кила.
На СП 2009 игравме 11 натпревари, секој ден без пауза. Немаше одмор. Се сеќавам дека некои играчи симнаа по 4-5 кила. Кире Лазаров на тоа Светско симна 7 кила. Да бевме комплетни ќе направевме и подобар резултат, но кога се префрливме во вториот круг во Задар, на првиот меч со Норвешка ни се повредија Наумче Мојсовски кој скрши палец уште во прво полувреме, а Стефче Алушоски скрши две ребра. Во тој втор круг со сите три репрезентации имавме водство на полувреме и тоа против Норвешка, Данска и Србија. Бевме многу истрошени со тенка клупа, а тогаш ростерот беше 14 играчи од кои двајца голмани. Значи со двајца повредени ние имавме 10 играчи. Издржувавме во прво, ама паѓавме во второ полувреме.
Тезата за селектор, домашен или странец?
Не сум за селектор странец. Има многу земји кои имаат странци селектори, а тоа најмногу е видливо кај арапските земји. Јас сум повеќе за домашни. Ќе почнам од карактерот и менталитетот на играчите. Многу повеќе го познаваме од странците што е многу важно во ракометот. Селектор странец ако биде, мора да биде присутен цел период во Македонија, а не да биде надвор и да доаѓа пет дена пред некој важен меч. Кога би бил странец тоа треба да биде како со Раул Гонзалес кој беше овде и Лино Червар кој ги знае приликите и го прати македонскиот ракомет 24 часа на ден.
Земавте ли плата како играчи во Пролет?
Не, земавме нешто симболично, како награда. Немаше списоци со плати. Главно што добивавме беше чај, лимон и по некое шеќерче за заблажување.
За трансферот од Пролет во Вардар
Кога отидов во Вардар заминавме на припреми во Полска. Во населбата Пролет изби револуција. Икиќ отишол во Вардар. Ѓубре, ваков, таков, како не му е срам, најголем душман ни е Вардар, тој отишол таму. Во сандаче наоѓав по 50 писма од навивачи. Тоа беше невиден притисок, не можев да го издржам и се вратив во Пролет. Следната година, 1977-ма ослабе Пролет, некои играчи заминаа во Вардар и јас без проблем заминав во Железничар Ниш.
Успесите со Железничар Ниш и финалето 50 минути со играч помалку
Во Железничар останав две години. Освоивме Куп на Југославија, завршивме четврти во југословенско првенство и игравме финале во Купот на Куповите на победниците во Дортмунд. Загубивме 15:13, а хендикеп беше што уште во 10 минута Драгослав Павловиќ удри со лакт играч и доби црвен и ние 50 минути игравме со играч помалку. Тогаш немаше правило на замена. И покрај тоа загубивме 15:13 и бевме блиску. Но сепак игравме пред 15.000 публика. Потоа имав тешка повреда на левото рамо и три години не можев да шутнам топка. За да го одморам рамото и да се излечам заминав во војска и кога се вратив повторно имав проблеми. Ми правеа големи третмани, ме носеа во Белград и каде уште не, само за да заздравам. Потоа морав да заминам од Ниш бидејќи не можав да играм и во 1980-та потпишав за Работнички со кој бевме блиску да влеземе во прва југословенска лига. Но наместо нас влезе Трепче од Косовска Митровица.
Пробата во Шпанија каде за малку ќе играл заедно со Душабаев
На 29 години отидов на проба во Тека од Сантандер, а таа година таму дојде да игра Талант Душебаев. Имаа право на четири или пет странци. Одиграв 50-50, бидејќи тоа беше летен период и не бев доволно спремен. Бараа да потпишам договор на две години, а мене од работа ми даваа само една година. Но принципот на Шпанците е најмалку две.
Италијанската авантура каде првиот пат бил одбиен поради обид за измама на менаџерот
Следната година бев во Конверзано, Јужна Италија. Одиграв добар пробен натпревар, но излезе дека сум многу скап играч и потоа разбрав дека мојот менаџер ја качил цената два пати повисока за да стави пари во џеб. Но потоа добив позив од северот на Италија од Болцано каде поминав без проблеми. Одиграв одлично, дадов 16 гола и се знаеше дека ќе поминам. Потпишав договор, примањата беа скромни, немаше многу пари во тоа време, а лигата им беше полоша од македонската. Тоа што многу ми пречеше да не можам да се докажам е што максимумот во една екипа беше еден странец.
Како ја почнал тренерската кариера?
После Италија играчката кариера ја завршив во Вардар на 36 години. Се пробав малку во бизнис, отворив две текстилни продавници и повеќе немав мотив да играм во македонска лига, односно меѓурепубличка Косово, Македонија и Црна Гора. Кога завршив му станав помошник на Ристо Трпчевски кој беше тренер во Вардар, а едно време тој се тргна и јас во таа меѓурепубличка лига станав и тренер на Вардар во 1987-ма.
Златната генерација со која го освои деветто место на младинското ЕП 2000 во Атина, подоцна костурот на Мундијалот во Хрватска 2009. Речиси истата со која стигна до четврто место на следното ЕП во Полска 2002, каде им се приклучил Филип Миркуловски.
Десни крила: Владимир Темелков и Лазо Мајнов. Десни бекови: Кире Лазаров и Влатко Митков. Средни бекови: Наумче Мојсоски, Арнаудов и Горан Кузмановски Таста. Леви бекови: Ацо Јоновски и Мите Стоилов. Леви крила. Горјан Анастасовски и Никола Тасевски. Голмани: Борко Ристовски и Ице Соколовски.
На 1:02:55 раскажува како останале без финале на ЕП 2002. Невидена и неповторлива драма во нашиот репрезентативен ракомет.
Двете опции кои ги предлага Кире Лазаров за иднината на Македонија