Вардар в четврток со почеток од 20 часот го игра првиот четвртфинален натпревар од ЛШ против Пиг Сегед, а во пресрет на средбата клубот одржа прес конференција на која се појавија Роберто Гарсија Парондо и Столе Стоилов.
За одлуката на Самсоненко дека нема повеќе да го финансира Вардар, капитенот рече дека не ги информирал лично ракометарите.
„На сите убави нешта им доаѓа крајот. Убаво беше додека траеше. Сепак, реално уште никој ништо не знае. Сергеј нас лично ни нема кажано ништо. Дали некој ќе го преземе Вардар и дали ќе постои или нема. Ние сме му благодарни за она што го направи за нас досега. Тој го крена Вардар и спортот воопшто на друго ниво“ изјави капитенот на Вардар.
Како скопско дете и член на Вардар од 2011-та со кој освои вкупно 20 трофеи, јасно е дека на Столе воопшто не му е сеедно.
„Тешко е, ова е мој клуб, тука сум пораснат и сум голем навивач на Вардар, но што е тука е, животот продолжува. Ќе видиме како ќе биде. Во моментов е само Пик Сегед во мислите, а за другото ќе размислуваме потоа. Имавме проблеми цела година пред сè со повредени играчи. Во клубот имаме склоп на одлилчни играчи и одлична хемија со ракометари кои се победници. Можеби таа одлука ќе ни даде елан повеќе на овој дуел“.
За него, како и за целиот тим сега е најважно да докажат дека тајмингот со соопштението на нивниот газда нема да влијае на паркетот во можеби најважниот меч на сезоната.