Стартува новата ера во Вардар со променето име и нова управа

Славното трофејно поглавје со Самсоненко завршува и почнува ново со старо новиот добро познат газда, Михајло Михајловски, кој ќе бара бизнис партнери со цел двократниот шампион на Европа да остане на високо ниво.

Компанијата за изградба и одржување на топлотехнички постројки Ватростална официјално стана нов сопственик на актуелниот европски ракометен првак Вардар.

Од 29 мај основан е нов клуб, а пријавата е прифатена вчера, така што двократниот европски шампион официјално ќе носи ново име - Вардар 1961, пишува Фактор.

На кормилото на црвено црните се враќа Михајло Михајловски кој е регистриран како генерален менаџер, претседател на Одбор на директори е Бојан Јанев, а неизвршен член Благоја Лазаревски, кои се инаку членови на УО на Државна Лотарија на Македонија.

Тоа значи Вардарци ја менуваат сопственичката структура по заминување на Сергеј Самсоненко, со кој Михајловски рече дека се расчистени сметките и дека клубот го презема без долгови. Неговиот паричен влог и основна главнина е 25.000 евра.

Русинот практично му го врати клубот на човекот кој го водеше скоро две децении по сите перипетии и тврдења дека повеќе не е во можност финансиски да го држи во кондиција.

Неговата финансиска инјекција и ангажирање на врвни ракометни имиња придонесе тимот да владее на сите полиња, како што се Купот и првенството на Македонија, СЕХА лигата, но и Лигата на шампиони која ја освои два пати.

Михајло Михајловски кој во тие години беше прогласен за почесен претседател, сега ветува дека Вардар ќе има тим кој ќе атакува на домашната титула и ќе биде конкурентен за пласман во топ 4 во СЕХА и топ 8 во ЛШ.

Меѓу последните трансфери кои ги реализираше е ангажманот на двајцата македонски репрезентативци, Филип Талески и Гоце Георгиевски, а нови имиња за следната сезона се и 21 годишниот Томислав Јагуриновски од Пелистер на позиција десно крило, рускиот лев бек Дмитри Санталов од Чеховски Mедведи и францускиот голман Робин Кантегрел.

4 јуни 2020 - 11:15