Мечот во „Ланксес Арената“ започна со по еден неискористен напад на двете страни, Абало ја загуби топката а Вуко Борозан биеше покрај голот.
Најдобриот млад ракометар сезонава во Лигата на шампионите, Недим Ремили го отвори резултатот. Чупиќ израмни од пенал во 4-та минута, а првото водство за Вардар го донесе 24-годишниот Душебаев (во полуфиналето даде 7 погодоци).
Карабатиќ со ефектен гол израмни, но Чупиќ од пенал одново ја врати предноста 2-3. Штербик во следниот напад на ПСЖ му одбрани зицер на Хансен а Тимур Дибиров мирно реализираше за 4-2. Највисоки +3 храбрите Вардарци имаа во 11 минута кога го дадоа петтиот гол, а го задржаа Париз на само 2 постигнати погодоци. Неверојатни први 10 минути за Скопјани!
Данецот Хансен кој често беше кобен по нашиот репрезентативен ракомет и кој во полуфиналето против Веспрем постигна 7 гола, ја прекина серијата на Вардар со гол за 5-3.
На истекот на 15. минута, Штербик го скроти Никола Карабатиќ да израмни а пред спротивниот гол, можеби најдобриот голман во историјата, ветеранот Тиери Омејер со неверојатен рефлекс го одбрани зицерот на Дибиров. По 16 минути игра и Штербик и Омејер имаа по 4 сјајни одбрани.
За првпат сезонава после 18 минути игра страшниот ПСЖ беше задржан на само 4 постигнати гола, а најголем „виновник“ за таквиот епилог беше смиреноста на Штербик кој одбрани и пенал.
Микаел Хансен изедначи во 28. минута кога од пенал без замавнување од прва го совлада Штербик, но Циндриќ покажа дека игра во животна форма откако ги врати своите во водство иако Вардар играше со играч помалку по исклучувањето на Вуко Борозан.
Во тој период од мечот Лук Абало го постигна можеби најубавиот гол на мечот:
How on earth did @lucabalo do that?
— #ehffinal4 (@ehfcl) June 4, 2017
Let's hope for more goals like this in the 2nd half of @psghand vs @HCVardar! #PSGVAR #ehffinal4 pic.twitter.com/wITCRp8I1w
Во самиот финиш од првиот дел избраниците на Звонко Сердарушиќ направија серија од 4-1 и по долго време резултатот беше на „нивна воденица“ 12-11. Вардар во најголемиот дел беше во предност, а потоа од 25. минута францускиот шампион поведе и на полувреме се замина со 12-11. Настапот во првите 30 минути им дадоа на „црвено-црните“ за право да веруваат во чудо на крајот.
Во првиот дел Дибиров даде 3 гола, Чупиќ 2, а Циндриќ, Душебаев, Марсениќ, Шишкарев, Канељас и Борозан по 1. Кај ПСЖ најефикасни во првото полувреме беа Карабатиќ со 3, а Хансен, Лук Абало и Ремили дадоа по 2 гола.
Со четвртиот погодок Дибиров го означи почетокот на вторите 30 минути, а Штербик со две фантастични одбрани покажа дека брани како во трите финалиња кога ја освојуваше Лигата на шампионите (2006, 2008 и 2009).
Следуваа два гола на Душебаев и Циндриќ за 20-ина секунди и Вардар ја врати предноста од два гола што ја имаше до 23-та минута од првиот дел. Родениот Нишлија Никола Карабатиќ со 5-от гол на мечот не дозволуваше момците на Раул Гонзалес одново резултатски да избегаат. Шишкарев во полуфиналето не постигна ниту еден гол, но вечерва беше фантастичен, крадеше топки и реализираше од брзи контри.
Неверојатен момент се случи во 44. минута од мечот кога тренерот на ПСЖ одлучи да игра без голман што Вардар го искористи со два погодоци од гол на гол, прво Илија Абутовиќ а потоа и Шишкарев за водство 20-17!
Притиснати од позитивата на Вардар, времето кое истекуваше и домашната публика која се придружи на стотиците Комити, ракометарите на ПСЖ започнаа прилично груба игра која судиите често им ја прогледуваа низ прсти.
Во последните 10 минути Вардар влезе со предност 21-20, а „милионерите“ од Париз стануваа сè погруби носени на крилата на Омејер кој запиша 12 одбрани. Идентична серија 4-1 како во финишот од првиот дел, ПСЖ направи и во периодот до 44. минута кога Вардар не постигна гол цели 5 минути.
Еуфорија во салата предизвика „бомбата“ на Вуко Борозан за 23-21 за Вардар!
На 90 секунди пред крајот Лука Циндриќ јуначки тргна сам на цела одбрана на ПСЖ после што Лука Карабатиќ го фаулираше и заработи исклучување. До крајот Вардар имаше гол предност и играч повеќе на паркетот.
Славјето на Вардар во финишот се обиде да го спречи ветеранот Нарцис кој на 7 секунди израмни 23-23 но Цупиќ во последната секунда од крило најави луда прослава и Вардар на врвот на ЕВРОПА!! 24-23!
.@HCVardar win the #ehffinal4 pic.twitter.com/dzHdyghN1s
— EHF Live (@EHF_Live) June 4, 2017
Вардар - ПСЖ 24:23 (12:11)
Сала: „Ланкснес арена“ во Келн. Гледачи: 19.750
Судии: Гајпел, Хелбиг (Германија)
Вардар: Дибиров 6, Борозан 3, Циндриќ 3, Чупиќ 3, Шишкарев 3, Канељас 2, Душебаев 2, Абутовиќ 1, Марсениќ 1, Деревен, Фереира Мораеш, Карачиќ, Македа, Пена, Милиќ, Штербик, Стоилов.
Пари Сен Жермен: Н. Карабатиќ 5, Хансен 4, Нарсис 4, Абало 3 Ремили 3, Генсхајмер 2, Степанчиќ 2, Акамбре, Бараше, Лука Карабатиќ, Кунку, Мелгард-Јенсен, Наи, Нилсен, Омеје, Шкоф.