Што се случуваше во хаотичниот финиш меѓу Словенија и Германија

Додека со нетрпение одбројувавме во минути да стартува втората битка на Македонија на ЕП, на другиот дуел од кој не засегаше резултатот, се играше “трето полувреме“ на кое Вујо се претвори во голман. Ситуацијата е навидум расчистена, иако во ЕХФ фрчат жалби.

Во 20 секунди ракомет на мечот Словенија - Германија се случи: израмнување, водство, црвен картон, пенал, па ново израмнување и на крај ВАР.

Германците тргнаа во напад и на 14 секунди до крај постигнаа гол за 24:24, но Словенците возвратија со екстра брзо изведување и на 7 секунди до крај дадоа гол кој навидум личеше на победа. 

И додека сите мислевме дека е крај, судиите прегледуваа видео снимка. Режијата во преносот постојано враќаше забавена снимка од начинот на кој Словенците го изведоа последниот напад. Но таму сè било чисто, а спорниот момент бил уствари следниот напад.

На Германците им преостанаа две-три секунди за напад, што е кусо време за ново израмнување и токму во тој момент Благотиншек ги попречи да изведат брз центар. Еве го тој момент:

По новите правила, тоа е црвен картон и пенал, ако е направено во последните 30 секунди. Инаку не држење дистанца од три метри не е црвен и пенал туку само две минути.

Целата драма изгледаше вака:

Иако судиите беа во право, начинот на кој ја прегледуваа снимката беше долг и тензичен, а 10.000 луѓе во салата и милиони пред тв екраните немаа појма која ситуација била спорна за прегледување.

Вујо до толку беше бесен, што застана на гол да го брани пеналот.

По мечот тој изјави:

„Тоа е ракометно правило за кое никој не знае освен судијата и делегатот и кое е применето за прв пат. Судиите го доведоа мечот до егал на тој начин што измислија седмерец за Геншајмер, па ни исклучија двајца на клупа и две минути игравме со четири играчи. Потоа примивме голови и Германците дојдоа до егал во меч во кој немаа никакви шанси. За мене победник е мојата екипа. Да имаше правдина, Словенија денеска ќе имаше 4 бода, а замислите има еден. Но тоа ќе го заборават медиумите и сите други. Некаде ќе пишува дека Словенија била петта, шеста или 12-та на ова првенство, ќе се зборува дека играчите се лоши, а јас сум лош селектор“.

За пеналот:

„Сакав да направам спрдња, некое шоу. Тие и онака направија џиркуз од ракометот, па зошто да не се приклучам и јас? Го направија овој спорт смешен, бидејќи го водат дебили. Моите луѓе на клупа се дисциплинирани, а јас сум таков каков што сум, па ме замолија да ја испочитувам судиската одлука“

Инаку Словенците поднесоа жалба до ЕХФ за спорната ситуација која ја искоментира и Лука Дончиќ.

16 јануари 2018 - 10:29