Македонската репрезентација добро го стартуваше Светското првенство 2025 со реми против фаворитот Унгарија но ако се имаат предвид настаните на теренот, победата избегна за влакно на крајот.
Момците на селекторот Лазаров сега во петок од 18 часот ги чека Холандија, селекција која во последните години фуриозно напредуваше и стигна во топ 10 репрезентации на светот.
За тоа колку ракометот напредува во земјата на лалињата говори и фактот што нивен прв настап на едно Европско првенство во историјата беше во 2020-та а имаат само три настапи на Европски собири.
Главни играчи им се Кај Смитс од Флензбург и Лук Стејнс и Дани Бајенс, двајцата од ПСЖ. Но нив тројца на стартот на Светското ги засени 27-годишниот Рутгер тен Фелде кој на отворањето против Гвинеја постигна 9 гола и беше најефикасен во убедливата победа 40-23.
Речиси сите холандски репрезентативци се запишаа во листата на стрелци, така што нивниот селектор легендарниот Швеѓанец Штефан Олсон ќе има слатки маки кого да стави во игра за дуелот со Македонија.
Холандија во последно време имаше шарени резултати па така изгубија на пријателска со Швајцарија (34-33) пред Светското а ја совладаа Италија (31-26).
Дека не се несовладливи доказ е и триумфот на аутсајдерот Грција 31-27 во рамки од баражот за Светско првенство. Холанѓаните изгубија 4 разлика од Грција на првиот меч а во реваншот во Ајндховен победија со 6 разлика и со потешкотии се пласираа на Мундијалот.
Холанѓаните играат мошне брз, транзициски ракомет и практично е многу тешко да им се сопре брзиот центар. Македонските ракометари ќе треба да истрчаат можеби двојно повеќе од исцрпувачкиот меч со Унгарија затоа што Холандија не важи за статична селекција која својата игра ја базира на груби прекршоци и гранитна одбрана.
Холандија е репрезентација која игра буквално на трка и ако се влезе во нивна замка може да биде мошне непријатно.
Во 3. коло на крајот од првата групна фаза Македонија ќе игра против Гвинеја, африканската селекција која доби покана од ИХФ за настап на ова Светско првенство и која е тотален аутсајдер.