Во пресрет на последниот натпревар од првата фаза едно е сигурно: Македонија оди понатаму. Прашањето кое се поставува е колку бода ќе пренесеме на следното, тешко скалило. Дали два, три или максимални четири.
Во случај утре да ја победиме Германија (букмејкерите им даваат 1.25 на „Панцерите“ за победа а нам 5.00 коефицент), тогаш во следната групна фаза одиме со неверојатни 4 бода кои многу би ни значеле во дуелите со фаворизираните противници.
Вкрстуваме со групата Д каде прва е Шпанија во моментов со 4 бода, втора е Данска со 2 колку што има и третопласираната Чешка која сензационално славеше над Хансен и компанија. Унгарците неочекувано се четврти со два порази и за пласман во следната фаза ќе им треба триумф од најмалку 4 гола разлика над Чесите. Утре вечер се игра и дербито Шпанија - Данска (20:30).
Ако ремизираме со Германците што би бил исто поволен исход, во следната група во торбата носиме 3 бода. Во случај на пораз пренесуваме два бода.
Сево ова значи дека ако војниците на „Ел Команданте“ извојуваат уште еден подвиг, покрај „полна капа“ бодови, ќе имаат и цели четири дена одмор на располагање! Просто е: први сме и играме на 21-ви, 23-ти и 24-ти јануари во Вараждин. Втори сме и играме на 19, 21-ви и 24-ти.
Според системот на натпреварување, првите две селекции од двете групи во втората фаза одат понатаму во полуфиналето, а третопласираните од двете групи ќе играат за 5. место
Јасно е дека македонската јавност будно го следи Европското и од ден на ден базата на „Фалангата“ е сè поголема во Хрватска. Во Вараждин веќе играат Шпанците, Данците, Чесите и Унгарците. Арената во Вараждин беше отворена во декември 2008-ма година. Собира 5.200 гледачи а нашата репрезентација таму играше во групната фаза од Светското во 2009-та кога остваривме 3 победи (Алжир, Полска и Русија) и 2 порази (Тунис и Германија).