Полскиот КС Виве Тарги Кјелце веќе гостуваше во Скопје и тоа во сезоните 2011/2012 и 2012/2013 кога четири пати беше подобар од Металург во Лигата на шампионите. Жолто-сините играат во салата Хала Легионов, која има капацитет од 4 200 седишта и е изградена во 2006. година. Атмосферата во Кјелце не е ништо поразлична од онаа во Плок. Обоена во жолто и сино, салата речиси секој натпревар е исполнета до крај, без разлика дали се игра првенство или ЛШ.
За силината на Кјелце доволно зборува нивниот учинок во домашниот шампионат каде на 20 натпревари имаат 20 победи и се убедливо први, а одличната серија без пораз во ЛШ им ја прекина Монпеље во саботата кога Кјелце загуби 31:33. И покрај поразот, Полјаците се пласираа понатаму затоа што претходно славеа во Франција 29:25. Во групната фаза, Кјелце играше против екипите на Сегед, Дункеркве, Алборг, Мотор и Кадетен и победи на сите 10 натпревари со гол разлика 312:271.
По објавувањето на денешната ждрепка, на сајтот на полскиот тим, Вардар се опишува како сериозна екипа која нивните сонародници од Плок ги испратила дома со 11 голови разлика. Дуелот меѓу Вардар и Кјелце воедно ќе биде и дуел на татко и син, затоа што тренер на полскиот состав е легендарниот Талант Душебаев, татко на миленикот на Комитите, Алекс Душебаев.
Следниот предизвик на Вардар е составен претежно од репрезентативци на Полска, а позначајни интернационални имиња се Хрватите Иван Чупиќ и Жељко Муса, како и Германецот Тобиас Рајхман.
Навивачите на Вардар минатиот пат патуваа цели 26 часа за да стигнат на 15 минути пред крајот на дуелот во Плок. Комитите овој пат ќе треба да минат приближно идентична дистанца, затоа што Кјелце се наоѓа на 177 километри од главниот град Варшава.
Еве како изгледа атмосферата во и околу салата во полскиот град Кјелце:
Како изгледаше натпреварот Кјелце - Монпеље претходната сабота: