Прилично лесно, ракометарите на Вардар стекнаа водство уште од самиот старт вечерва против Флензбург. Предводен од горостасиот Штербик, Вардарци поведоа со 1-3 со головите на Душебаев кој докажа дека игра во фантастична форма.
Германците во првите 10 минути никако не можеа да го пробијат ѕидот на македонскиот шампион, па домашниот тренер Врањеш уште тогаш свика тајм-аут. Ергет намали од пенал на 2-3, но фуриозните гости немаа намера да застанат па со погодоците на Марсениќ и Борозан после 12. минути игра водеа 6:3.
Носен од домашната публика, германскиот претставник брзо даде два гола и се врати, но следуваше нова „ролетна“ од Штербик кој им овозможи на колегите да ја чуваат позитивата, но и концентрацијата.
Бразилецот Рожарио Мораеш кој сезонава на Вардар му донесе нешто што лани недостигаше ги однесе Скопјани на 13:7, огромна предност. На паузата Раул Гонзалес можеше да тргне презадоволен затоа што Вардар водеше +6 (15-9). Освен најдобриот голман во Лигата на шампионите, првиот дел го одбележа и Лука Циндриќ со 4/4.
HALF-TIME in #motw: @HCVardar lead by 6, @SGFleHa have lot to think about during break. #veluxehfcl 2nd half LIVE: https://t.co/qgCm0cbsec pic.twitter.com/37kaoKlvrd
— EHF Champions League (@ehfcl) April 22, 2017
Вардар вечерва во северна Германија имаше поддршка од 50-ина Комити кои на моменти ги надгласуваа домашните навивачи.
Во ситуација кога сфатија дека Вардар е дојден уште на првиот меч да ја заврши работата околу пласманот на толку посакуваниот Фајнал Фор, ракометарите на германскиот лидер тргнаа на сè или ништо. Тоа резултираше со топење на предноста на Вардар на -2.
После 15 минути игра во вториот дел Душебаев и Дибиров љубоморно ја чуваа разликата која во 23. минута изнесуваше +4. Во овој период домашната публика повторно стана на нозе, во обид да ги поддржи своите пред последните напори да го стигнат Вардар.
Но Штербик брзо ги седнуваше на своите места (16 одбрани), а во нападот Циндриќ, Дибиров и Душебаев беа енигма за момците на српскиот тренер Љубо Вранеш. На пет минути пред крајот Вардар го доби шестото исклучување кое беше можеби и најтешко затоа што Флензбург намали на 24-26, најниска предност уште од 15-та минута.
Раул Гонзалес храбро се одлучи со играч помалку да игра без голман во нападот, но Штербик дефинитивно вечерва одлучи Вардар победнички да се врати во Скопје. На крајот конечни 24-26 пред реваншот во Скопје. Најефикасни во победничкиот состав беа Лука Циндриќ и Алекс Душебаев со по 5 гола. Кај Германците, Данецот Јакобсон најефикасен со 6 погодоци.
Возвратниот дуел се игра во четврток од 19 часот.