Рекорди и успеси од мега кариерата на Кире Лазаров кој полни 41

Од неодамна не е само играч и капитен, туку и селектор кој истовремено дели совети и пука проектили. Човек мултитаскинг кој со тројна улога го урна светскиот првак Данска. ЕХФ му даде врвни епитети: Крал и господар на ракометот. Па што повеќе од тоа.

Светското ракометно патешествие на Кире Лазаров почна во Борец 1995-та. Сега сме 2021-та и трае уште. Неверојатно. Борец, лидер, капитен, икона, гордост, машина која не зарибува ниту денеска на 41 години, возраст која многу тешко се достигнува во еден ваков напорен и груб спорт.

Константноста со која игра на врвно ниво во европскиот крем и бројните успеси придонесоа заслужено да ги добие епитетите од ЕХФ дека е крал и господар на ракометот. Тие денеска му честитаа роденден и напишаа: Погодете што? Македонскиот тренер/играч ќе биде присутен и на ЕП 2022.

Му честитаме и ние на легендата со обид да ги издвоиме сите или барем најголем дел од неговите успеси:

1. Единствениот ракометар на светот со голови во четири децении на Светски првенства.

2. Рекордер со 92 гола на едно Светско првенство, постигнати во Хрватска 2009.

3. Рекордер со 61 гол на едно Европско првенство, постигнати во Србија 2012.

4. Рекордер со 1.603 гола за Македонија.

5. Рекордер со 1.467 голови во Лига на шампиони.

6. Рекордер со 250 настапи во Лига на шампиони.

7. Рекордер со 20 сезони во Лига на шампиони

8. Годинава стигна во четвртфиналето од ЛШ по 17-ти пат во кариерата.

9. Тргна од Египет и не застана со своите брилијантни партии за Македонија на дури 12 големи натпреварувања: СП во 1999, 2009, 2013, 2015, 2017, 2019 и ЕП во 2012, 2014, 2016, 2018 и 2020. Во јануари следната година ќе оди на 13-то.

10. Знаете колку клупски трофеи има во кариерата? 50. Педесет. П Е Д Е С Е Т. Освоени со Пелистер, Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид и Барселона.

11. Во 2016-та беше изгласан за најдобар десен бек во Ол стар тимот на ЛШ.

12. Во 2020-та беше изгласан за најдобар десен бек на деценијата. Анкета спроведена од Хендбал Планет на која гласаа навивачи и жири составено од тренерски и играчки легенди, како и новинари.

13. Избран е за Спортист на Македонија за 2009, 2014, 2017 и 2018 година.

14. Добитник е и на два национални медали за заслуги од претседателот на Македонија Бранко Црвенковски (2009 година) и од претседателот Ѓорѓе Иванов (2011 година)

15. Прогласен и за Спортски Амбасадор на Македонија.

Доста е? Среќен роденден Киро, легендо незаменлива.

ДЕБИ НАСТАПИТЕ НА КИРЕ НА СП 1999 ВО ЕГИПЕТ СО КОМЕНТАР НА КАЛИНСКИ

ПРОЕКТИЛОТ НА КИРЕ ЗА ИСТОРИЈА - ПРВ ГОЛ КАКО СЕЛЕКТОР

10 мај 2021 - 16:28