На гостувањето кај многукратниот француски првак, Вардарци го почнаа првиот дел со многу пресврти и многу погодоци. Монпеље имаше минимално водство до средината на полувремето, кога Тимур Дибиров со 3 гола за 2 минути му донесе 2+ на Вардар (10:12).
Немаше многу исклучувања, а во интензивната и ефикасна игра на двете страни, Монпеље подобро се снајде и ги затвори првите 30 минути со 19:17. И покрај 7-те одбрани на Штербик, одбраната на „црвено-црните“ не функционираше како на претходните натпревари, по што Вардар со негатива влезе во вториот дел.
Монпеље фуриозно го започна и второто полувреме кога поведе со највисоки 4 гола разлика (24:20), а Вардар немаше решение за Матје Гребиле кој со 11 гола го решеташе Штербик, а подоцна и Ангелов. Како во Словенија против Целје, Вардар во еден момент покажа дека може да се врати во игра по висока негатива и со двата гола на Блаженко Лацковиќ и еден на Ален Тоскиќ, Скопјани стигнаа на минус 1.
По серијата грешки на Монпеље, Вардар во последната минута влезе со напад за израмнување и преку Игор Карачиќ се избори за нерешен резултат 34:34.
Најефикасни во гостинскиот состав беа Тимур Дибиров со 9 гола, Карачиќ имаше 7, а Душебаев 5. Во Монпеље, францускиот репрезентативец Матје Гребиле и Словенецот Јуре Доленец постигнаа вкупно 18 погодоци.
По 4 натпревари во групата, Вардар има 3 победи и едно реми, со што пласманот во втората фаза е многу поблизок. Следен противник на избраниците на Фернандез е унгарскиот Веспрем, на 15-ти ноември, во Скопје.