Андреа Лекиќ со гол ја отвори новата сезона на ЖРК Вардар во Лигата на шампионите, но доказ дека ова е најтешкото гостување во групата против минатогодишниот финалист, покажаа домаќинките кои направија серија од 5:0.
Нашите ракометарки загубија две топки, Зедиќ одбрани два удари, а Будуќност тоа го искористи со 4 гола од 4 обиди. Кастратовиќ свика тајм аут за да го смири темпото на мечот, но веднаш потоа на семафорот стоеше 5:1.
Вардарки беа 7 минути без постигнат гол, но потоа технички грешки почнаа да прават и домаќинките, а промашија и два пенали. Македонскиот шампион тоа го искористи и намали на 6:4.
ЖРК Вардар пропушти шанса да израмни откако прокоцна два напади по ред и наместо реми, Будуќност стигна до предност од +5. Првата одбрана Суслина ја забележа дури во 20 минута, а Вардар во тие моменти преку Лекиќ стигна до -3, резултат со кој се замина на паузата.
Второто полувреме почна лошо за нашиот тим кој по 10 минути игра губеше со високи 7 голови разлика. Неагу и и Павиќевиќ постигнаа на почеток по два гола, а одлична на голот беше Ждериќ. Недостасуваа повеќе идеи во нападот, а загубените наши топки Црногорките ги претвораа во гол.
Избраничките на Кастратовиќ не искористија многу повеќе шанси во нападот од второто полувреме и не успеаа да ги наградат поголемиот број на одбрани на Суслина која во првиот дел имаше само 2, а во вториот 8 одбрани.
Црногорскиот првак само рутински ја одржуваше високата предност од 6-7 голови разлика која ја имаше во поголемиот дел од второто полувреме, а една од најзаслужните за победата беше Ждериќ кој блесна со 15 одбрани.
Најпрецизна на паркетот беше Павиќевиќ со 7 подогоци, а во нашиот тим Лекиќ се издвои со 4 гола. Во второто коло ЖРК Вардар на 25 октомври ја пречекува екипата на Турингер.