Пирова победа, прва за годинава

Македонската ракометна репрезентација славеше против Чиле во третиот квалификациски натпревар за Олимписките игри во Рио кој немаше никакво значење. Последен меч за Наумче Мојсоски и Ивица Обрван.

Нашиот селектор се реши за комбиниран состав во овој речиси ревијален натпревар меѓу Македонија и Чиле кои практично играа кој да биде трет во групата. 
 
На крилните позиции почнаа Костевски и Ојлевски, бековската позиција ја сочинуваа Миркуловски, Мојсоски и Митков, на пикерската позиција стартер беше Никола Маркоски, а на голманската Никола Митрески.
 
Нашиот национален тим и со овој тим ја оправда фаворитската улога на мечот против аутсајдерот и славеше со 30:27 со што ја прекина лошата серија од осум натпревари без победа во 2016 година.
Ракометарите со помала минутажа ја искористија шансата и во 9 минута направија водство од 5:2.
 
Предноста од два до три гола ја одржуваа постојано во првиот дел. Чилеанците успеаа да израмнат дури во 33 минута, втор пат на мечот по оние 2:2 на стартот и тоа беше нивниот максимум на средбата.
 
На полувреме македонските ракометари водеа 17:14, а во вториот дел без многу напор го зголемуваа водството кое највисоко беше во 49 минута кога на семафорот стоеше 27:20.
 
Следуваше и опуштање во нашиот табор во кое Чиле стигна до -2 на минута и пол до крајот.
 
Ова беше последен натпревар за Наумче Мојсоски кој со солзи се прости од репрезентативниот дрес и кој ја доби капитенската лента од Кире Лазаров кој не влезе воопшто во игра.
 
Најпрезицен беше Никола Костевски со 6 погодоци, а Мојсоски, Миркуловски и Манасков по 4 (сите од пенал). Митревски го заврши мечот со 9 интервенции.