Осминафинале за заокружување на годината

Ракометарите на Металург на мечот против аутсајдерот Тун од Швајцарија одат на хет-трик, а тоа значи победа која би го донела пласманот во топ 16 фазата трета година по ред. Според капитенот Ванчо Димовски веќе впишаните бодови од овој натпревар ќе бидат најтешки за освојување.

По четири победи во шест одиграни кола во Лигата на шампионите екипата на Металург е во одлична позиција, предвреме да го обезбеди посакуваниот пласман во осминафиналната фаза. Седмата рунда закажана за в недела против Вакер Тун изгледа како лесна можност за мирна зима, но Лино Червар длабоко го анализираше противникот и тешкиот меч од првиот дуел.

„Ако се се одвива како што треба, можеме да влеземе во топ 16 фазата пред нова година, па дури и да бидеме на втората позиција пред еден ПСЖ. Не е мала работа трета година по ред почнувајќи од квалификациите да стигнуваме до осминафинале. Но не смееме никако да се опуштиме, затоа што играме против една неверојатна екипа која постојано има мотивации. Точно е дека ги загубија сите мечеви во групата, но тоа го сторија машки. Тоа е тим кој трча многу, имаат тројца главни играчи меѓу кои едно од најдобрите крила и имаат одбрана 6:0", вели хрватскиот стратег.

Тренерот на Металург рече дека на првата пресметка во Швајцарија не се изнаиграле и на моменти имале големи проблеми со реализацијата, а на тој меч се надоврза и капитенот на тимот од Автокоманда.

„Лино кажа еден убав податок, а тоа е дека до сега две календарски години завршуваме со веќе обезбеден пласман во осминафиналето. Се надеваме дека така ќе биде и сега. Но нашата цел е и да го поправиме впечатокот од првата средба каде иако славевме, на крајот спасувавме жива глава и не бевме баш среќни. Бодовите од овој меч се веќе впишани на наше конто, но тие се најтешки за освојување", изјави Димовски.

Тренерот Лино Червар на крајот одговори на прашањето околу случајот со Наумче Мојсоски, за кој српските медиуми објавија дека глумел повреди за да го бодри кошаркарскиот клуб Партизан во Белград.

Тој изјави дека целосно застанува во одбрана на своите ракометари и дека вообичаено не коментира работи кои се за жолтиот печат.

28 ноември 2013 - 13:26