Опциите за петто место

Од кројачи на сопствената судбина во рок од неполни два часа пак се сведовме на некои тешки математики кои не се неостварливи. Тоа е. Вреди да се проба.

Селекцијата на Чешка ни беше редовен пациент последниве три години во ракомет и последна пречка за да стигнеме на големите натпреварувања.
 
Ја елиминиравме во квалификациите за последните две Европски првенства 2016 и 2018, како и во баражот за Светското првенство 2017. Затоа овој пораз уште повеќе боли, затоа ни го приреди земја која не е моќна ракометна селекција и која ја водевме 54 минути.
 
Но колку и да жалиме и да бараме кој, како и зошто погреши, нема назад. Денеска ни престои последниот меч на ова Европско првенство и вреди да се обидеме да направиме нешто плус.
 
А тој плус не е воопшто мал. Се работи за борба за петто место за кое имаме некакви шанси, кои воопшто не се лесни.
 
Постои само една варијанта како Македонија би играла за петтото и шестото место в петок во Загреб. Доброто е што Данска е веќе квалификувана во полуфинале, а лошото е што Кире Лазаров и дефинитивно нема да биде во составот.
 
Мора да се напомене уште еден многу важен фактор за тежината на натпреварот со селекцијата која има освоено 11 медали на големите натпреварувања. Тие одмараа во понеделник и вторник, а ние само 20 часа.
 
Комбинациите за да завршиме трети во група се следни:
 
1. Словенија да ја победи Чешка (16:00 часот)
2. Македонија да ја победи Данска (18:15 часот)
3. Натпреварот Шпанија – Германија да не заврши нерешено (20:30 часот)

 

24 јануари 2018 - 13:11