Резултатите на Македонија во Катар му даваат мир на селекторот Ивица Обрван, кој вели дека целта е четвртфинале и пласман на ОИ во Рио 2016. За Јутарњи.хр, Обрван вели дека се соочил со многу проблеми пред Мундијалот во Катар и дека резултатите стигнаа по напорната работа и посветеност.
„Имаше големи проблеми, јавноста дури и не беше толку запознаета со сè што се случуваше во Металург. Ситуацијата во клубот беше таква што играчите на 22. декември дојдоа на припреми во лоша физичка и психичка состојба. Моравме да го подигнеме нивото на работа, а дали погодивме со тоа, уште не знам“, вели Обрван за Јутарњи.
По трите стартни победи и совршениот настап против Тунис, Македонија денес ќе се проба и со ракометната сила Хрватска.
„Против Тунис резултатот можеби делуваше нереално и јас сум пријатно изненаден од играта. Немаме право да кренеме рачна на стартот како големите репрезентации. Нам секој натпревар ни е важен, затоа што во спротивно може да биде кобно. Затоа сакав против Тунис да изгледаме најдобро што можеме и успеавме во тоа“, продолжува Обрван, кој додава дека кај него и играчите нема претерано голем притисок пред Хрватска.
Во меѓувреме стигна и веста дека Немања Прибак се опоравил по стомачните тегоби и дека е подготвен за балканското дерби. На прашањето како ќе му биде против неговата земја, Обрван одговара:
„Ќе ги исклучам емоциите. Знам дека ќе играме против една од најдобрите селекции на светот. Хрватска има рејтинг, има сè и нејзините резултати тоа најдобро го потврдуваат. Ќе бидеме спремни ако се појави прилика и ќе ја искористиме“.
Јавноста во Македонија не е доволно запознаета со податокот дека Ивица Обрван своевремено му бил тренер на Славко Голужа, човекот кој денес ја води хрватската репрезентација. Голужа доста работи во тренерскиот занает научил од Ивица Обрван.
„И покрај тоа мислам дека немам никаква предност. Денес сме противници, двајца тренери кои сакаат победа за своите репрезентации. Тој ја тренира Хрватска која во моментов е врв, а кој е во предност, тоа не одлучуваат само тренерите, туку и играчите на теренот“.
На прашањето дали му е тешко паралелно да ги води и Шамбери и Македонија, селекторот Обрван вели дека е среќен што воопшто добил таква понуда од клубот кој има традиција, услови и амбиција.
„На Французите не им беше проблем тоа што ја водам Македонија, ниту пак во Скопје имаше недоразбирања за тоа. Секако дека поедноставно би било да сум малку поблиску, но така е како што е. Времето ќе покаже дали ќе бидам психички и физички во можност да покривам две мошне одговорни работи, а целата приказна доста зависи и од резултатот“, признава Обрван дека не му е лесно на две столчиња.
За крај, хрватските новинари го прашаа Ивица Обрван која химна ќе ја пее денес на претставувањето?
„Ниедна. Ја почитувам својата химна повеќе, но ја почитувам и онаа на репрезентацијата која што сега ја водам“, констатира Обрван.
Дуелот Хрватска - Македонија се игра денес во салата „Духаил“, со почеток од 17:00.