Најскапите 11 трансфери во историјата на ракометот

За фудбалот вакви листи има на тони, но во ракометот многу малку се зборува за пари и тие се смешни во однос на фудбалот. Македонски ракометар нема во оваа конкуренција, но затоа има еден легендарен Вардарец и тоа два пати.

За платите на ракометарите и скапите трансферите со кои Сергеј Самсоненко создаде европски Вардар нема достапни информации за јавноста од клубот и тие се чуваат во тајност.
 
Сè е останато на чаршијата која зборува дека Вардар на своите ѕвезди им плаќа по неколку илјади евра месечно, за кои ние може само да шпекулираме дека се по 10, 20 или 30.000 евра.
 
Специјализираниот сајт за ракомет Hballtransfers.com, направи топ листа на најскапи трансфери од каде дознаваме за колку пари Арпад Штербик во 2014-та дојде од Барселона во Вардар. 
 
Сергеј Рутенка - 700.000 евра
Бекот од Белорусија во 2009-та година од Сиудад Реал се пресели во вечниот ривал Барселона за сума од 700.000 евра, а Реал претходно го купи за 400.000 од Целје. Рутенка кој има белоруски, словенечки и шпански пасош, играше за Барса од 2009-та до 2015-та и освои 5 првенствени титули и 2 во Лига на шампиони.
 
Ален Муратовиќ - 700.000 евра
Истата сума Фленсбург ја плати за Ален Муратовиќ кој во 2008-ма го купи од Ваљадолид. Високиот Црногорец од 198 см играше во Германија до 2010-та, но никогаш не беше добро прифатен.
 
Арпад Штербик - 800.000 евра
На најтесната листа на најскапи трансфери се наоѓа и Арпад Штербик за кој Сергеј Самсоненко на Барса во 2014-та и искешира 800.000. Штербик стана миленик на скопската публика и беше еден од најзаслужните за освојувањето на историската европска титула.

Чема Родригез - 800.000 евра
Толку пари изнесуваше и трансферот на Шпанецот Родригез кога во 2007-ма од Ваљадолид се пресели во Сиудад Реал. За 5 сезони три пати ја освои АСОБАЛ лигата и два пати ЛШ.
 
Тјери Омејер - 900.000 евра
Омејер е еден од тројцата играчи кој два пати се наоѓа на листава. Во 2014-та Монпеље по втор пат го продаде францускиот светски голман, овој пат во ПСЖ за 900.000 евра. До сега домашното првенство со овој тим го освои два пати.
 
Домагој Дувњак - 1 милион евра
Кога во 2009-та година Хамбург беше стабилен финансиски, го купи хрватскиот бисер од Загреб за дебела сума од милионче. Дувњак остана во Хамбург се до 2014-та, кога клубот имаше економски проблеми. Во 2011-та го освои германското првенство, а две години подоцна ЛШ.
 
Арпад Штербик - 1 милион евра
Во 2012-та милион евра плати и Барселона за Штербик кој го донесе од Атлетико Мадрид. Во тие две години пред да замине во Вардар, два пати ја освои шпанската лига.

Арон Палмарсон - 1 милион евра
Трансфер сагата за Палмарсон е завршена. Барселона на 23 октомври ја купи исландската ѕвезда од Веспрем, а двете страни направија тајно ја договорија сумата за трансфер за која се зборува изнесува меѓу 700.000 и милион евра.
 
Никола Карабатиќ - 1,2 милиони евра
Во 2009-та Кил испазари двајца ракометари од Монпеље за сума од 1,5 милиони евра. Тоа се Никола Карабатиќ и Вид Кавтичник, но вредноста на првиот е пресметана на 1,2 милиони. Карабатиќ освои 4 првенствени титули и една Лига на шампиони.
 
Даниел Нарсис - 1,2 милиони евра
Истата 2009-та за исти пари трансфер од Шамбери во Кил направи и „Ер Франс“. Во 2012-та Нарсис беше прогласен за најдобар ракометар во светот.
 
Никола Карабатиќ - 2 милиони евра
Најскапиот ракометар во светот на сите времиња е човекот кој два пати се наоѓа на листата. Се вика Карабатиќ кој од Барселона во ПСЖ во 2015-та година направи трансфер вреден 2 милиони евра.
5 декември 2017 - 14:05