Металурзите се пресреќни поради денешната ждрепка

Раководните луѓе на македонскиот ракометен шампион кој се избори за историско четвртфинале во елитната Лига на шампиони, со огромна радост го проследија епилогот од денешното извлекување во Виена каде за противник го добија Киелце.

Големата радост тимот од Автокоманда не ја криеше и за кратко време по добивањето на противникот во четврфиналето, на својот веб портал објавија фотографии каде се гледа нивното задоволство што избегнаа гигант како Барселона или Хамбург. Ова се дел од нивните изјави кои ви ги пренесуваме во целост од сајтот на РК Металург.

Ристо Чокрев, претседател на Металург: Задоволни сме од ждрепката иако сме свесни дека во оваа фаза нема лесни противници. Сепак, од нашите две средби видовме дека со екипата на Киелце можеме да бидеме рамноправни и, ако ги исправиме грешките, имаме основа да се надеваме на успех. Имаме доволно време за подготовки, свесни сме за значењето на средбата и ќе се потрудиме да не ја испуштиме оваа историска шанса.

Лино Червар, шеф на стручниот штаб на Металург: Мораме да бидеме задоволни од изборот на противникот, иако сметам дека Киелце е апсолутен фаворит, бидејќи ги доби двете средби во групната фаза. Но, според народната за трета среќа, спортски е и ние да се надеваме на успех, бидејќи фаворитите не победуваат секогаш.

Ванчо Димовски, капитен на Металург: Киелце е вистинскиот противник за Металург. Двапати нѐ победија, но сега сме поискусни. Шанси имаме. Ни требаат добри анализи и пред сѐ здравје во екипата, за два добри натпревари.

Ренато Вугринец: Имаме реални шанси за пласман на фајнал-форот во Лигата на шампионите, бидејќи сметам дека можеме да играме со Киелце. Нивна предност е што реваншот се игра на нивен терен. Сепак, ние треба да ја добиеме средбата во Скопје и да ги израдуваме сите наши симпатизери.

26 март 2013 - 13:45