Мешков Брест израмни во последната секунда за збогум на Металург во ЛШ

Македонскиот ракометен шампион направи маестрален пресврт на две минути до крајот во 8 коло од најквалитетно клупско ракометно натпреварување, но Белорусите им ја скратија радоста во последниот миг од средбата за конечни 27:27. 

Ракометарите на Металург поведоа први преку Ренато Вугринец, но потоа се играше гол за гол се до водството на гостинскиот тим од 3:4. Акциите ги градеа тешко, а најслабо во првиот дел им одеше преку крилните позиции од каде не успеваа да ја затресат мрежата.

Најрасположен на стартот беше Миркуловски кој во првото полувреме постигна 4 голови, а со серијата од 3:0, Металурзите поведоа со 6:4. Големата криза им почна при водство од 7:5 кога Мојсовски промаши пенал.

Во интервалот од 14 до 24 минута беа без постигнал гол, а Мешков Брест влезе во серија од 6:0, за водство од 7:11. Неуспешен обид од седум метри во првиот дел имаше и Вугринец, а лошата серија од таа позиција ја прекина Манасков.

При крајот на првите 30 минути се разбуди и Мојсовски кој ги постигна првите два гола, но Металург не успеа на полувреме да стигне до израмнуваме и постојано бркаше негатива од 2-3 гола. На пауза резултатот беше 12:14.

Дејан Манасков го отвори вториот дел со погодок, но Металурзите ја немаа препознатливата игра во одбраната, примаа лесно голови и повторно бркаа негатива од три гола, а најтешко им беше во 43 минута кога губеа 18:22.

Но тој резултат не ги обесхрабри и продолжија да ја брка негативата. Во 51 минута Мојсовски намали на -1 и мечот влезе во драматична завршница. При водство на Белорусите од 24:26, Манасков погоди многу важен седмерец, а Мојсовски и Вугринец го комплетираа пресвртот.

Во последната минута ракометарите на Металург имаа напад за +2, но судијата не го призна голот на Мојсовски, а Мешков Брест ги искористи последните 15 секунди и стигна до израмнување со шут во последната секунда.

Со една победа и седум порази тимот од Автокоманда нема повеќе шанси да ја мине групната фаза и да стигне до четвртиот пласман по ред во нокаут фазата од Лигата на шампионите. Последните два меча во 2015 година ги игра против Кил и Загреб.

Најпрецизен ракометар кај Металург беше Манасков со 8 голови, Миркуловски даде 6, а Мојсовски 5.

6 декември 2014 - 21:02