Македонската ракометна репрезентација го поправи впечатокот во играта по бледото издание на првиот меч во „Борис Трајковски" кога беше немоќна и не можеше да постигне гол во првите 10 минути од мечот. Но ова важеше само во првото полувреме.
Светските шампиони иако први поведоа не можеа да се одлепат резултатски поради далеку подобрата игра на нашите ракометари во одбраната. Највисоката предност Шпанија го имаше на средината од првиот дел од 4 гола разлика, но и покрај двете исклучувања, по само неколку минути Македонија влезе во добра серија и намали на 8:7.
Во последните 4 минути од првото полувреме составот на Ивица Обрван преку Стоилов промаши зицер, потоа Наумче Мојсоски не реализираше седмерец, а тоа домаќинот го искористи и успеа да го врати водството од 4 гола разлика со кое замина на пауза.
Во второто полувреме како на паркетот да се појави друга репрезентација тотално некоординирана и неорганизирана во сите делови од играта. Шпанците го искористија падот во играта на нашите репрезентативци и брзо го зголемуваа водството кое веќе по 3 минути игра беше +7.
Како што изминуваше времето така се редеа грешките на нашите ракометари кои тотално го уништија впечатокот кој го оставија во првите 30 минути. Во 45 минута предноста на светскиот шампион изнесуваше 9, а по кратко време и 11 гола разлика.
Последните 15 минути од мечот Шпанците го довршија рутинирано и не дозволија да ја загубат високата предност која ја задржаа до крајот на мечот.
Листата на стрелци во нашиот табор и не е баш за издвојување ако се погледне дека најпрецизните Мојсоски, Левов и Темелков постигаа по 2 гола, а солидно прво полувреме имаше Никола Митревски со 7 одбрани.
Нашиот селектор го немаше комплетниот состав на располагање затоа што поради повреда не настапија Кире Лазаров, Велко Марковски, Филип Миркуловски и Владимир Недановски, а Обрван незадоволен од изданието на Борко Ристоски на првиот дуел, одлучи да не го повика на реваншот.