Мечот почна добро по нашите ракометари. Борко Ристовски на голот бранеше одлично во првите 15 минути и сопре неколку напади на Турција.
Капитенот Лазаров го постигна првиот гол за нашата селекција, а по воведните 1-1, Македонија направи маестрална серија од 5-0 и првпат сериозно се одлепи резултатски.
Бојан Маџовски, кој вечерва во Ескишехир го заменуваше повредениот Дејан Манасков постигна два убави гола во пар минути и беше најзаслужен што на семафорот стоеше 4-8 за Македонија. Следуваше тајм-аут за турскиот селектор после што домаќинот заигра подобро и се врати на само 1 гол негатива (9-10) на само четири минути пред крајот на првиот дел.
Македонија западна во мини-криза а Турците тоа го искористија и носени од публиката постигнаа пет гола по ред за сосема заслужено водство на полувремето 13-11.
Нови маки за нашите момци донесе турскиот голман Јунус Озмосул кој бранеше нереално добро на стартот од вториот дел. Единствен кој го проби неговиот бедем беше капитенот Лазаров кој со два гола едно по друго ги држеше конците во нашиот тим.
Македонија постојано беше во заостаток од 2 па и 3 гола, така што моравме да бркаме негатива но и да ја зацврстиме одбраната. Откако стана јасно дека Турција нема да може во ист ритам да игра до крајот, Филип Кузмановски со својот втор гол на мечот донесе израмнување 21-21, а тоа како да го окуражи и голманот Никола Митревски да фати неколку силни удари.
Во завршницата се играше гол за гол, а пресвртот во нашата игра го донесоа Талески и Кузмановски кои решетаа.
Јунак на мечот сепак беше голманот Митревски кој на секунда до крајот одбрани тежок удар и ја спаси победата 25-26 со која Македонија и математички се пласираше на Европско 2020-та. Ова ќе биде петто Европско по ред за нашата ракометна репрезентација.
Најефикасни во нашиот состав беа Лазаров со седум гола и Филип Талески со пет. Кај Турците Пеливан постигна високи 10 погодоци а голманот Озмосул запиша 16 одбрани.
Во последниот меч од групата, во недела во Струмица ја пречекуваме Грција и со евентуална победа ќе завршиме први во групата, а со тоа и место во вториот шешир на ждрепката на крај на јуни во Виена.
Европското првенство се игра од 9 до 26 јануари 2020-та во Австрија, Норвешка и Шведска.