Македонија имаше одличен старт, а идентично како против Швајцарија работите во свои раце ги преземаа Кире Лазаров и Борко Ристоски кои беа најзаслужни што по 8 минути игра имавме водство од 3:6. Нашиот капитен постигна 4 голови, а Ристовски одбрани 6 удари.
Следуваше голем пад во нашата игра и во одбрана и во напад. Манасков промаши два зицери, а Чесите направија серија од 5:0 за голем пресврт и водство од 8:6.
Обрван свика тајм аут, но нашите ракометари и натаму го немаат ритамот од почетокот и тешко доаѓаа до реализација. Чешка продолжи да се одлепува резултатски и на полувреме стигна до висока предност од 18:11.
Големата битка се водеше во вториот дел. Домаќините стигнаа до највисоки 8 голови предност, но Македонија не се предаде и трпеливо ја топеше негативата.
Најголемата неизвесност почна некаде околу 50 минута кога при резултат 24:21, голови постигаа Лазаров, Мојсоски и Миркуловски и донесоа реми. Потоа се случуваше голема драма пред двата гола каде одлично бранеа и двајцата голмани.
Лазаров и Миркуловски испуштија два напади по ред за пресврт, а до крајот се играше гол за гол за конечни 27:27.
Во последните 15 секунди Чесите имаа можност за победа, но последниот удар го спречи Борко Ристовски кој блесна на мечот со 20 одбрани. Најпрецизен на мечот беше Лазаров со 10 голови, а одлична партија пружи и Миркуловски кој постигна 5 погодоци.