Денешниот меч со Бахреин беше еден од оние тн. „полесни“ кои секако мора да се одработат максимално сериозно.
Во првите дваесет минути нашите ракометари го кршеа отпорот на противникот. Откако селекторот Раул Гонзалес се одлучи да заиграме 7-6, тактика која што ја спроведе во текот на целото второ полувреме во првиот меч со Јапонија, „црвено-жолтите“ посигурна предност.
За разлика од Јапонците со кои „се бркавме“ по теренот, Бахреин игра далеку побавен ракомет па оттука и нашите ракометари имаа повеќе време за добра консолидација во одбраната (немаше брзи центри како со „Самураите).
На овој натпревар Раул можеше да пробува некои други варијанти пред претстојните тешки мегдани, па го проба и дебитантот Филип Чурлевски кој го даде првиот негов гол на овој Мундијал. Првата предност ја стекнавме во 7’ минута кога Георгиевски постигна погодок за 3-2 а набрзо имавме високи 5-2 по головите на Кузмановски и Манасков.
Бахреин во еден момент намали на 6-4 а тоа беше период кога во игра влезе новото лице во репрезентацијата - Филип Чурлевски. Следуваше „црн“ период и влез во празни 9 минути без гол на нашите, момент кој Бахреин го казни со целосен пресврт за 6-7.
Тогаш Раул свика тајм-аут и Лазаров од пенал израмни на 7-7. За наша среќа, Борко Ристовски дури по 20 минути игра влезе во ритам и беше најзаслужен што на спротивната страна постигнавме три гола.
На минута пред крајот Манасков изнуди пенал и исклучување а Лазаров по петти пат ја погоди мрежата во првиот дел за водство од 12-8 на паузата.
****
Во вториот дел повеќе простор за игра доби и Мартин Поповски а Македонија конечно изгледаше цврсто и стабилно на овој меч. По 37’ минути игра водевме 15-9 и пулените на некогашниот европски првак со Вардар решија да го затворат мечот на мирен начин.
Бахреин се закани само во еден момент кога Талески доби двеминутно исклучување, но Македонија одново си ја поврати позитивата (23-15). На крајот прилика добија и голманот Никола Митревски а и младите Крстевски, Танкоски и Сефафимов. Конечните 28-23 значеа и добра увертира за големиот мегдан со Хрватска на Червар утревечер од 18 часот.
Одново најдобар стрелец во нашиот состав, како и во првото коло беше капитенот Лазаров со осум гола. Манасков и Кузмановски дадоа по четири а по три пати противничката мрежа ја погодија и Филип Талески и Мартин Поповски.