Македонија е шеста светска ракометна сила, капа доле за успехот

Македонската јуниорска репрезентација со пораз го заврши Светското ракометно првенство во Алжир, но не го намали впечатокот кој го остави на овој историски Мундијал за македонскиот спорт. Аплаузи за нашата делегација која отпатува во Алжир.

Во мечот за 5-то место Унгарија славеше со 26:22 и заслужено се избори за една позиција погоре од нас. Унгарците беа подобар противник во текот на целиот натпревар и го држеа под контрола и резултатски и играчки.
 
Тоа секако не го менува многу успехот кои избраниците на Илија Темелковски го остварија на ова Светско младинско првенство. Македонија треба да се гордее со овие момци кои во конкуренција на 24 земји во светот, завршија шести во свет.
 
Ова е досега најголемиот успех кој сме го оствариле во екипните спортови на Светските првенства. 20 години рекордот го држеше женската ракометна репрезентација на Македонија која на Мундијалот во Германија заврши седма.
 
Нашите ракометни јунаци во групната фаза славеа против Русија, Буркина Фасо и Бразил, а загубија од Шпанија и Тунис. Откако како второпласирана репрезентација во групата Ц се изборија за посакуваното осминафинале, таму падна домаќинот Алжир.

Во историското четвртфинале загубија убедливо од Светскиот првак Франција, потоа во натпреварите од 5-то до 8-мо место ја декласираа Русија со 9 разлика, а денеска го завршија Мундијалот со пораз од Унгарија и го освоија историското 6-то место.
 
Едно голема браво за Милан Лазаревски, Димитар Димитриоски, Томислав Јагуриноски, Марко Нелоски, Марио Танковски, Мартин Томовски, Мартин Велковски, Мице Шилегов, Дарио Петровски, Филип Талески, Никола Даниловски, Филип Кузмановски, Горан Крстевски, Иван Џонов, Давор Палевски и Филип Арсеновски, како и за стручниот штаб предводен од селекторот Илија Темелковски кој во Европа не направи четврти, а овој пат шести во свет.
 
Во мечот за 7-мо место Тунис беше подобар од Русија со убедливи 36:21. Во финале влегоа селекциите на Данска и Шпанија, а за трето место ќе играат Франција и Германија.
 
Најдобриот момент на денешната средба против Унгарија во изведба на Талески, Палевски и Велковски.