На стартот, ветеранот на нашиот гол, Кирил Колев во добар елемент го отвори мечот со три одбрани, а на другата страна Манасков, Лазаров и Дрогришки после 4. минути донесоа водство од 3:0. Веднаш потоа 37-годишниот Исланѓанец Валур Сигурдсон (329 меч за репрезентацијата) промаши пенал во ситуација кога игравме со играч помалку а Столе Стоилов нè однесе на високи 4:0.
Селекторот Лино Червар постави одлична одбрана која уште од стартот функционираше импресивно затоа што Исланѓаните го дадоа првиот гол дури во 7. минута, но во нападот почнавме со технички грешки кои „Рибарите“ без пардон почнаа да ги казнуваат.
Брзо стекнатото водство нашите репрезентатици брзо го загубија. Исланд постигна 5 погодоци за три минути пред сè поради нашите грешки во нападот каде Червар константно игра 7-6 и поведоа 5-4.
Падот во ритамот на нашиот тим вешто го користеше Рунар Карасон, играч на Бундеслигашот Хановер кој со три гола во серија (6-9) го натера Червар да вика тајм-аут и да ги разбуди „црвено-жолтите“. Лазаров ги крена соиграчите кои со два гола едно по друго намалија на 8-9.
Во 22. минута деби на едно Мундијалот имаше Жарко Пешевски од Металург со кого Лино Червар сакаше да ја олесни малку работата на пивотмените кои на првите четири меча имаа доста работа. Во 27. минута откако Стоилов промаши зицер при напад 7 на 6, капитенот Сигурдсон го постигна третиот гол за 12-14 за Исланѓаните кои постигнаа 6 голови од својата половина или од брз центар во нашиот празен гол.
Полувремето заврши со 15-13 за Исланд кој направи страшна серија 9-2 од 7. до 15. минута и заслужено го доби првиот дел со два гола предност. Со пет голови Кире Лазаров беше најефикасен во нашата репрезентација во првото полувреме, а кај Исланѓаните после 30 минути игра толку даде Карасон. Колев имаше 7 одбрани од 19 удари.
Манасков со гол го отвори второто полувреме со погодок за негатива од еден гол, но противникот, вечерва помотивиран затоа што само победа ги водеше во осминафиналето немаше намера лесно да ја испушти предноста. Елисон лесно го погоди нашиот празен гол и Исланд во 35. минута имаше +4 (15-19).
Се обидуваа нашите преку крилните позиции да фатат приклучок и нападот беше коректен, но одбраната за жал не беше на потребното ниво и Исланд вешто ја чуваше позитивата од 4-5 гола.
Во 50. минута можевме да го искористиме падот на Исланѓаните, но Густавсон му одбрани чист зицер на Гоце Георгиевски а Македонија не успеа да намали на 1 гол негатива и дополнително да го усложни мечот.
Во последните пет минути од мечот нашите ракометари влегоа посилно и стигнаа до израмнување 25-25 со голот на Гоце Георгиевски од крило. Тогаш нашите навивачи еуфорично го прославија и голот на Кирил Лазаров за 26-25.
Вистинска драма следуваше во последната минута кога Исланд го имаше последниот напад. Гунарсон биеше топовски но Кирил Колев со фантастична одбрана го спречи и го постави конечниот резултат 27-27. Кире Лазаров постигна седум гола, Георгиевски беше стрелец на шест, Дејан Манасков даде пет погодоци, додека Колев беше фантастичен на голот со 13 успешни интервенции.
Нашите ракометари ја завршија групната фаза со две победи (Тунис и Ангола), два пораза (Словенија и Шпанија) и едно реми против Исланд. За крај посакуваното трето место ни овозможи да го избегнеме најтешкиот противник Франција и одиме на Норвешка.
Дуелот од осминафиналето ќе го играме на 21-ви јануари (сабота) во Албервил од 16 часот.