Кој е Шпанецот кој ќе го замени Раул на кормилото на Вардар

По истекот на оваа сезона, навивачите на Вардар ќе се збогуваат со човекот кој им ја донесе европската титула, со таа утеха што ќе ни остане селектор. Неговото место всушност го презема неговиот асистент кој се надеваме дека има впиено нешто од Раул.

Роберто Гарсија Парондо веројатно на прва не ви значи ништо, што е сосема нормално, бидејќи со функцијата која ја обавува во моментов тој воопшто нема публицитет и е речиси незабележителен.
 
Според таа логика можеби малкумина знаат дека Парондо скоро една сезона работи во Скопје и тоа како асистент на Ирина Дибирова во ЖРК Вардар и асистент на Раул Гонзалес во селекцијата на Македонија.

Ова второво е досто позитивно и за него и за играчите и за навивачите на Вардар, бидејќи работи до рамо со тренерот број 1 за 2017-та и веќе ја има почувствувано жешката атмосфера во Јане Сандански. Од него ќе се очекува да го држи Вардар во европскиот врв, нешто што и го ветува.
„Многу сум среќен што добивам шанса да бидам дел од европскиот првак. Вардар веќе го чувствувам како свој дом, тука сум речиси една сезона и условите што ни ги дава клубот ми даваат за право да се надевам за успешна соработка. И покрај ангажманот во женскиот тим доста сум запознаен и со работата на машкиот тим, и затоа очекувам брзо да се вклопам во таа приказна, и исто така и екипата да ме прифати мене и мојот начин на работа. Високите резултати секогаш ќе бидат наш приоритет, за клубот да остане онаму каде што е, во самиот европски врв, изјави Роберто Гарсија Парондо за сајтот на РК Вардар.

Парондо има 15 годишно играчко искуство во шпанските екипи Ваљадолид, Адемар Леон и Сиудад Реал, како и во унгарските Пик Сегед и Будакалаш. Врсник е со Кире Лазаров со кого настапуваа заедно во Сиудад Реал, подоцна Атлетико Мадрид во периодот од 2010-та до 2013-та.
 
На Википедија нема многу за него, освен доста солидната колекција од вкупно 20 трофеи. Најзначајни му се двата во Лига на Шампиони со Сиудад Реал (2008 и 2009), како и Супер Глоуб (2012) и ЕХФ Купот со Пиг Сегед (2014).

Парондо со Талант Душебаев, Девис Камара, Арпад Штербик и Раул Гонзалес во позадина

Со Шпанија има златен медал на Медитеранските игри во 2005-та, седмо место на Светското првенство во 2007-ма, а последниот репрезентативен настап му е на ЕП 2012, ладе Шпанија заврши четврта.
 
Гарсија Парондо нема тренерски стаж и од двете актуелни позиции како помошник тренер во ЖРК Вардар и Македонија, први во кариерата, Самсоненко го фрла во оган од следната сезона да го води европскиот шампион.

И Раул пред да дојде во Вардар не работеше никаде како прв тренер, но за разлика од него од 2005-та до 2013-та се калеше како помошник во Сиудад Реал/Атлетико Мадрид, сите осум сезони покрај Талант Душебаев.
 
Нека биде Роберто новиот „Ел Команданте“ кој ќе ја наследи и повтори бајката во Скопје, потпишана повторно од Шпанец.
31 јануари 2018 - 14:28