Ракометната селекција на Франција е нешто како фудбалската репрезентација на Шпанија. Дрим тим, кој ги обедини сите титули. Во нашата квалификациска група за ЕП се уште и Швајцарија и Чешка.
„Утре играме со светскиот, олимпискиот и европски првак и сите знаеме со каков квалитет располагаат Французите. Сепак, играме пред наша публика, без резултатски притисок и ќе дадеме добра партија. Нема да биде трагично ако не стигнеме до позитивен резултат, затоа што вистинското во овие квалификации доаѓа во јуни кога ќе ги играме клучните средби за пласман на ЕП“, изјави Филип Миркуловски на денешниот прес.
Квалификациите ни овозможуваат пласман на ЕП и како второпласирани, така што црвено-жолтите размислуваат на дуелите со Швајцарија и Чешка во јуни. Французите се први во нашата квалификациска група, со шест бода, Македонија има четири, следуваат Чешка со еден и Швајцарија без бодови.
„Играме со Франција, најдобрата селекција на светот во последните десет години. Доминираат на секое првенство, така што нам ни останува да го искористиме овој натпревар како една добра подлога за да видиме до каде сме. Освоивме важен бод во Чешка и тоа мора да го материјализираме. Во спортот се можни изненадувања, но нема да најавуваме победа, затоа што ниту една селекција не смее да си го дозволи тоа против Франција“, изјави капитенот Лазаров, кој против себе утре вечер ќе го има клупскиот колега и најдобриот светски ракометар, Никола Карабатиќ.
Дуелот Македонија - Франција се игра утре со почеток од 20:15 часот во СЦ Борис Трајковски а од РФМ соопштија дека карти за средбата сè уште има во продажба.
Списокот на ракометари за дуелот со Франција овде.