Европскиот шампион мора да падне

Најтешкиот натпревар во групната фаза на Мундијалот во Шпанија не очекува вечерва со почеток во 20:15 часот против селекцијата со богато педигре. Данска има 20 учества на светските и девет на европските првенства. Можно ли е чудо против великанот на ракометот?

Кога ќе се спомене името на ракометната велесила Данска, мислите ни одат кај нашиот сосед Србија каде Македонија блесна со игрите и заврши на 5 место на Европското првенство. Но се уште го чувствуваме оној горчлив вкус од мечот против Данска кога на околу една минута до крајот при резултат 32:32 Кире Лазаров не успеа да погоди и да го понижи противникот. Следуваше контра на Данците, која во последните секунди не пропушти да ја искористи нивниот најдобар играч Микел Хансен кој ни ги сруши големите апетити да ја совладаме репрезентацијата која на крајот го освои златото.

Реваншот и одмаздата сега доаѓаат многу брзо, по само една година, но и во други околности. Данска е повторно силна и повторно во своите редови го има Хансен, но според состојбата на табелата веќе е математички првa во нашата група. Тоа всушност е и единствената наша надеж дека Данците нема да го дадат својот максимум.

Голем простор за математики и калкулации нема. Македонија мора да оди на триумф со што би го избегнала четвртото место кое потоа за противник ни го носи подобриот од дуелот помеѓу Германија и Франција. До почетокот на нашиот дуел ќе биде познат и нашиот противник, затоа што Германија и Франција силите ќе ги одмерат од 18:15. Втората можност да завршиме трети е доколку Катар го изненади Исланд со што би го преземала четвртото место. Во тој случај и со пораз ќе ја избегнеме четвртата позиција.

За успесите и квалитетот на Данска е излишно да се трошат зборови. На девет европски првенства до сега имаат освоено два златни медали и три бронзи, додека на 20 учества на светските собири се уште го бркаат златото. Победа за Македонија против ова големо име во ракометот ќе значи многу. Изненадување на првенството, зголемување на самодовербата на нашите ракометари, но пред се полесен противник во осминафиналето од каде потоа ќе се надеваме на нов историски успех, а тоа е пласман меѓу најдобрите осум селекции во светот.

18 јануари 2013 - 11:09