Во дербито на колото Вардар и Кјелце влегоа со по 4 победи и 1 пораз. И двата тима загубија минатото коло, Вардарци во Загреб, а Полјаците на домашен терен убедливо од лидерот Рајн-Некар.
Интересно, европскиот првак Кјелце вечерва по 11-ти пат гостуваше во нашата земја. Освен против Вардар и Металург во дуелите од Лигата на шампионите, Полјаците пред 20 години играа и со Пелистер во четвртфиналето од тогашниот Куп на Куповите.
Уште од почетокот играчите на двата тима ги нервираа своите тренери, поради тоа што сите карти ги фрлија во нападот, а одбраната не беше на високо ниво.
Се играше во високо, динамично темпо и Вардар поведе со 3:1 со головите на Дибиров и Циндриќ. На офанзивата на Вардар, актуелниот европски првак Кјелце врати со офанзива и со серија од 4:0 направи пресврт од 3:5 во преполниот „Јане Сандански“.
И Раул Гонзалес и Талант Душебаев (два порази како селектор на Полска минатиот период) се решија да ја користат комбинацијата со играч наместо голман на теренот кога се во нападот, но тоа резултираше со неколку ефектни голови на спротивната страна по загубена топка.
Резултатски драстично не се одлепи ниту еден тим, иако и Вардар и Кјелце имаа најмногу по два гола предност.
Вардар имаше позитива од еден погодок пред крајот на првиот дел, но најновото засилување на Кјелце, Словенецот Деан Бомбач со бомба од 9 метри ги постави конечните 18:18 на паузата.
Атрактивно за гледање прво полувреме. Вкупно 36 гола. Кај „Црвено-црните“ Штербик во првиот дел запиша 7 одбрани, а со 5 гола најефикасен беше Тимур Дибиров. Кај гостите најефикасни во првото полувреме беа Агинагалде со 4, Бјелецки даде 3 гола, Јуркевич 3, а Штрлек 2.
Нападот на Вардар на беше на високо ниво и во вториот дел. Игор Карачиќ со два гола по ред и одбранетиот пенал на Штербик на ветеранот Карол Бјелецки ја кренаа на нозе публиката во салата.
И покрај тоа, гостите брзо се вратија во егал и израмнија на 20:20. Вардар во 42. минута од мечот стигна до +2 со голот на Мијајло Марсениќ, а Дибиров не искористи пенал да ги донесе домаќините на три гола предност. Тоа му успеа на Данаил Шишкарев кој по брзата полу-контра му донесе на Вардар 27:24.
Во последните 15 минути од мечот, Алекс Душебаев, кој од следната година ќе игра во дресот на Кјелце кај татко му Таулант Душебаев којшто е тренер на овој тим, реши порано да го најави победникот на мечот и со својот седми гол првпат го донесе Вардар на +4.
Набрзо Дибиров го следеше Душебаев во чекор и даваа гол за гол, а на голот како ѕид беше несовладливиот Арпад Штербик.
На крајот конечни 40:34 и Вардар стана една од ретките екипи во последниви сезони која што до врв му ја наполнил мрежата на полскиот Кјелце. Најзаслужен за тоа секако беше Игор Карачиќ со девет гола а по осум дадоа Алекс Душебаев и Тимур Дибиров. Шпанецот Јулен Агинагалде даде осум гола за Кјелце.
Во следното коло на 17. ноември Вардар го очекува најтешкиот испит од групната фаза со Рајн Некар Леван на гостински паркет. Кјелце ќе гостува во Загреб.