Европска сензација на Вардар!

Македонскиот шампион направи земјотрес во ракометна Европа. Вардар успеа да го победи европскиот ракометен шампион среде Германија и се пласираше во четврт-финалето на Лигата на шампиони.

Ракометарите на Вардар имаа одличен старт на натпреварот и по неколку одбрани на Ангелов и добра реализација на Лазаров и Карачиќ, нашиот шампион во неколку наврати имаше предност од два разлика.

Домаќините дури по половина од првото полувреме за прв пат дојдоа до предност (9:8), но Вардарци не се предадоа и по 20 минути игра повторно се вратија во водство (11:12).

Дури ни повредата на Стојанче Стоилов не ги разниша редовите на Вардар и нашите ракометари по 23 минути игра дојдоа до највисока предност од +3 (11:14), а на полувремето заминаа се замина со 15:17.

Во првиот дел на голот блескаше Ангелов со 9 одбрани, Карачиќ постигна 6 гола, а Лазаров 5 пати ја затресе противничката мрежа.

Ракометарите на Вардар продолжија без респект и во вториот дел. Се играше „гол за гол", но Вардар ја контролираше играта, а Хамбург бркаше негатива.

По седум минути игра Хамбург повторно израмни (20:20), но потоа Германците седум минути не постигнаа гол, а Вардар и со играч помалку направи предност од +5 (21:26).

Вардар влезе во мини криза во последните минути и му дозволи на противникот да се доближи на само еден разлика на две минути до крајот (28:29), но нашите шампиони го задржаа водството за голем триумф од 29:30 и сензационална елиминација на Хамбург за пласман во четвртфиналето!

30 март 2014 - 20:20