Поранешниот селектор на Македонија со дел од овие репрезентативци оствари историско четврто место на Европското првенство во Полска кога ги водеше како јуниори во 2002 година, а за влакно му избега пласман во финале кое го испушти по две продолженија со Полска.
Откако ги удри темелите на оваа генерација, со него продолжија славните денови во сениорска конкуренција во Хрватска кога Македонија беше 11-та во свет. Нивниот континуитетот на големите натпреварувања вели дека се за почит, но потенцира дека е потребно повеќе да се работи на подмладување и да се прават варијации во играта која ни е лесно прочитлива.
Темелковски за Офф.нет.мк вели дека во ростер од 17 играчи фали уште едно десно крило, како и Диви и пречи тоа што се растури Металург. Ако го затворат Кире верува дека можеме и пет на пет преку нашите добри крила, а шансата смета дека треба да ја бараме преку Полска и Србија.
Кои беа вашите првични реакции и коментари кога ждребот ни донесе група со Франција, Полска и Србија?
Реагирав исто како кога бев селектор кога ни се падна една тешка група во Хрватска. Тогаш противници ни беа Русија, Германија, Тунис, Полска, Алжир. Три одеа понатаму, но со Русија, Германија и Полска кои беа посилни од нас тешко беше да се обезбеди трето место за да се оди во втор круг. Сега исто ни падна една силна група, но предност е што од четири репрезентации одат три. Во сите тие групи се наоѓа една селекција што мислиш дека може да се помине и дека меѓу тие три ќе биде нашата. Така и овој пат, нормално навиваме за своите и мислам дека Франција, Полска и Македонија ќе одат понатаму. Инаку за Србија треба да се гледа со респект, која од секогаш имала добра репрезентација, а не направила некои видни резултати освен годината кога беа домаќини, а знаеме дека сите домаќини стигнуваат до завршници на Светско и Европско првенство. Еден Тунис на пример никаде го немаше, но кога беше домаќин направи голем резултат, исто и Катар кој лани стигна до финале. Ако ги тргнеме Франција и Полска, мислам дека со Србија ќе се решава кој ќе оди во втор круг. И не случајно, сега ќе отидам малку подалеку, мислам дека Полска како домаќин ја одбра групата да биде со Франција, затоа што се надева ќе биде против нив во финале и така ќе ја избегне претходно. Кога се заедно во група ако бидат први и втори, нема да паднат заедно до финале.
Се дава ли во вакви ситуации приоритет на некој натпревар, бидејќи според квалитетот шансата за понатамошен пласман најмногу ќе се бара против Србија или вреди да се обидеме против сите?
Според мене не вреди исто да настапиме против сите три. Ова го кажувам од искуство. Ние кога ја правевме оваа репрезентација, не бевме Шпанија, Франција, Германија или Данска. Фондот на играчите, името и рејтингот беа тие и моравме против евидентно послаби да го даваме максимумот и така се трошевме. 7-8 играчи беа носители на играта и не можевме во втор план да извадиме играчи кои адекватно ќе ги заменат тие играчи за да тактизираме во ротација и да освежуваме и одмораме против поважни натпревари. Сега сме во друга ситуација каде ростерот на играчи се зголеми и можеме на некој начин да тактизираме и да процениме против кои репрезентации ни се поголеми шансите за да одбележиме позитивен резултат, а против кои репрезентации ни се помали. Според мене мечот против Франција треба да го жртвуваме, нема потреба со нив многу да се оптоваруваме, бидејќи знаеме кои се и што направија. Мора по малку да ги штедиме силите за натпреварите кои ни се поважни. Многу повеќе треба да посветиме внимание на Полска и на Србија. Играта на Полска многу повеќе ни лежи отколку онаа со Франција. Читам дека против Франција нема да игра Филип Лазаров, кој во оваа ситуација е главна спона во нападот и во таа задна линија. Не можеме да се потпреме само на Кире Лазаров и со тие три средни играчи Прибак, Миркуловски и Мојсоски да го бркаме нападот. Знаеме во каква форма се, Наумче нема континуитет веќе неколку месеци, да не речам година и повеќе, Миркуловски имаше сериозна повреда и нема некоја минутажа во Германија, а Прибак не знам колку игра во Бешикташ. Тој е солиден играч и мислам дека ќе биде од голема полза. Имаме еден Филип Лазаров кој е единствен бек на таа позиција, ќе го изоставам Кузмановски кој е млад и перспективен и нема да добие некоја адекватна минутажа. Тактични не се знае што може да одигра Франција против еден Кире Лазаров. Затоа мислам дека треба да ги насочиме силите кон Полска. Два натпревари може да се издржат, а три се оптеретување за нашата репрезентација. Преку Полска да ја бркаме повеќе шансата отколку против Франција. Ако не успееме во тоа, тогаш фрламе сè на една карта против Србија. Тоа ни е шанса според мене.
Го извади ли Обрван максимумот во однос на изборот на играчите? Би направиле ли некои измени доколку бевте на негово место?
Мислам дека и јас да бев на негово место уште ќе сметав на овие играчи, иако се промовираме дека сакаме да ја подмладуваме репрезентацијата, а ништо не направивме со тоа и уште мислиме дека оваа репрезентација може да донесе некои добри резултати. Добри во смисол, ние во последните години се задоволуваме со 8-мо, 9-то, 10-то, 12-то место. Континуитетот постои, сме на големи натпреварувања секоја година и тоа е за почит. Ние сме највозрасна репрезентација на ова Европско, некаде во просек од 32,33, до 35 години. Знаеме кои ги изостави и повторно се врати на оние проверени играчи да проба да избори добар пласман што според мене е последна шанса на оваа генерација во смисол да се вмешаме некаде меѓу прво и петто место што ќе ни донесе квалификации за ОИ. Ако тоа го направиме, тоа е успех, се друго за мене е неуспех.
Костурот на оваа репрезентација е истиот од СП 2009 кога вие бевте селектор и од тогаш оваа генерација стекна големо искуство на големите натпреварувања на кое сите сметаме. Кои се другите силни страни на овие играчи?
Најсилни страни прво секако дека оди искуството, а низ овие години со континуирана работа и натпреварувања во силни лиги и европски првенства се зголеми и нивниот квалитет. Малку пречи, а тоа се рефлектираше и во Катар, состојбата со Металург и тоа си донесе последици на некој начин. Сега е проблемот што Металург се растури како екипа, односно со играчите кои беа костурот на репрезентацијата. Се распрскаа по многу клубови и концентрацијата на нивниот квалитет не можеше доволно да се прати. Се дополнувавме само со Кире Лазаров кој играше надвор, а се беше тука во Металург и два-тројца во Вардар. Тоа колку ќе го намали квалитетот на овие играчи на ова Европско првенство со овие подготовки од 15-20 дена не можам да кажам затоа што не сум внатре во репрезентацијата.
Од што треба најмногу да стравуваме, лесно ли може да се прочита нашата игра?
Ние сме на некој начин прочитани. Колку со тоа нивно читање предвиделе некои додатни алтернации во стручниот штаб не знам. Нашиот напад нормално 90% се потпира на Кире Лазаров. Колку и како ќе го организираат во нашата репрезентација не знам, но сите репрезентации играат една одбрана која прво ќе треба да го спречи Кире и потоа во дуел играта Миркуловски, Мојсоски и Прибак. Сите репрезентации ни играат обично една плитка 6:0 одбрана со акцент на Кире. Знаеме дека во просек ние против вакви репрезентации на Европско постигнуваме по 22,23 до 25 гола. Дали ќе биде тоа доволно за позитивен резултат против вакви репрезентации, ќе видиме. Да ја земеме и одбрана која исклучиво ја играме 6:0 и не знам дали подготвивме нешто друго во таа наша одбрана. Мислиме дека со таа наша одбрана можеме да поминеме со сите репрезентации. Во средина знаеме дека со години играат Јоноски и Маркоски, Кире го менува Митков, а на халф ни се Прибак и Миркуловски. Тоа е нашата одбрана која мислам дека без дополнителни варијанти во неа, малку потешко ќе се справиме со селекции каде што можеби ќе треба да излеземе и да подготвиме подлабока одбрана. Сите репрезентации на некој начин се познаваме и колку тоа познаваме ќе се искористи да се спреми нешто ново во напад или во одбрана, ќе покажат самите натпревари.
Како се реагира на терен ако го сопрат Кире или ако не му оди на некој меч?
Мислам дека не сме лоши и во позиција кога ќе го затворат Кире. Не треба да не оптеретува тоа дека Кире го немаме, му играат фластер и сега што ќе правиме без него. Имаме за таа малку поширока одбрана, бидејќи не е исто да ти играат 6 и 5 во одбрана. Така одбраната има поголем простор, а ние имаме дуел играчи како Миркуловски и Наумче кои во таа условно широка одбрана може да се пробие заедно со пикерот што го имаме внатре како Стоилов, а еве и Пешевски кој се покажа како добра замена заедно со Никола Марковски. Може и без Кире да се пробие со една стрплива игра 5 на 5 во таа одбрана против Франција и Полска. Мислам дека и нашиот стручен штаб размислувал на тоа веројатно дека сите репрезентации може фластер да му играат на Кире и дека треба да се работи на игра 5 на 5 каде што ќе донесе дуел игра за Миркуловски и Наумче, како и за пикерот и така може многу поголема шанса да добијат нашите две добри крила.
Какви очекувања имате од дебитантите: левиот бек Филип Кузмановски, пикерот Жарко Пешевски и голманот Даниел Дупјачанец?
Прво дебитант во репрезентација е Дупјачанец, но не е млад, тој има 32 години. Тоа не е подмладување на репрезентација. Не знам кое е тоа решение, ако веќе ја подмладуваме репрезентацијата има голмани кои можеби не се доволно доискажани, но се многу помлади. Ако ставевме некој голман од 22-23 години ќе го разберам дека тоа е подмладување, а ако не, тогаш според мене требаше да си остане Петар Ангелов кој брани добро за Вардар и е многу искусен. Ние подмладивме само со Пешевски и Кузмановски, а тоа е малку. Го изоставивме Талески, па и Куковски кој веќе и не е толку млад, 86-та е. Подмладувањето го мислев и со еден Костевски, десно крило во Металург кој можеше да се најде. Одиме со 17 играчи, а имаме само едно десно крило. Имаме три пикери и девет играчи од задна линија. Дај боже Георгиевски да ги издржи сите напорни, но во таа бројка по мене требаше да се најде место за уште едно десно крило.
Каде е ранлив светскиот и олимписки првак Франција и дали воопшто може да се најдат слаби точки кај нив?
Првите четири репрезентации по мое мислење, според докажан квалитет се Данска, Шпанија, Франција и домаќинот Полска. Тешко е да се вмешаш меѓу нив. Се друго што останува како Норвешка, Исланд, Хрватска, Србија и други секој секого може да победи. Не гледам дека Франција е слаба на некои позиции и дека постои некои делови каде е ранлива. Немаат слаба точка ни во одбрана ни во напад. Јаки се во дуел игра, на искуство, во предна и во задна линија. Имаат силна одбрана, на голманска позиција се јаки. Ние ни најмалку нема да се предадеме против нив, но не треба многу да се трошиме и малку пореално да ги гледаме работите. Наша единствена цел е да пробаме што помалку да се истрошиме против оние репрезентации кои се фаворити и да се насочиме против Србија која иако не играат Вујин и Илиќ е квалитетна репрезентација. Потоа во вториот круг каде што имаме поголеми шанси да ставиме сè на една карта против Хрватска, Исланд, Норвешка и да стигнеме до трета позиција во наредната група и да обезбедиме пласман за петто и шесто место. Ова се мои предвидувања и можеби се реални овие прогнози, сè друго е малку исфорсирано. Ако гледаме дека од прв меч вложиме 100% и не дај може да изгориме до толку што во наредната фаза ги загубиме сите натпреварувања, тоа би било пропаст на оваа генерација која да речеме е пред крај со нивното играње.