Ракометарките на Вардар максимално сконцентрирано му пристапија на најтешкото гостување во групната фаза. Со цврста одбрана и одлични решенија во нападот го имаа под контрола мечот во првиот дел и по почетните рамноправни минути направија водство од 7:5.
Следуваа уште подобри минути за нашите ракометарки кои влегоа во одлична серија од 4:0, а најголемото водство го имаа во 19 минута од натпреварот кога направија фантастични 12:5.
Германките влегоа во ритам и ја стопија негативата на -2, но најдобрата светска ракометарка Андреа Лекиќ не дозволи целосно опуштање на тимот и со одлучни 7 голови во првиот дел беше најзаслужна за водството на Вардарки кои на паузата имаа 15:12.
Вториот дел беше многу потежок и поизрамнет во кој најчесто се играше гол за гол. Домаќинките во почетните минути успеаа да стигнат до израмнување 15:15 со што ја најавија големата неизвесност која траеше се до крајот ма мечот.
Избраничките на Кастратовиќ имаа неколку пати водство од два гола разлика, но имаа падови во играта и не успеаа да стигнат до многу посакуваната победа. При резултат 24:24 во последниот напад Вардарки направија техничка грешка во напад и мора да се задоволат со нерешен резултат.
Во последното коло кое се игра наредниот викенд, нашите ракометарки со триумф против последнопласираниот Савехоф сигурно обезбедуваат пласман во фајнлфорот во Будимпешта.
Најдобра партија на мечот имаше Лекиќ која го заврши мечот со 10 голови.