За разлика од многу пати низ годините, овојпат громогласната публика во „Јане Сандански“ не ги однесе ракометарите на Вардар до уште една голема победа во Лига на шампиони.
Барселона беше доминантна од првата до последната секунда на мечот и сосема заслужено триумфираше на едно од најтешките гостувања на континентот.
Повратникот во тимот Вуко Борозан го отвори резултатот, но Каталонците без голема мака направија серија од 0-4 и по седум минути игра семафорот покажуваше 1-4 - аларм за Парондо да се сврти кон записничката маса со кренати раце во знак за тајм-аут.
На Вардар како да му требаше Барса уште за еден гол да ја зголеми предноста, па да црвено-црните заиграат препознатливо и наскоро да се вратат на 5-6.
За жал следуваа црни минути во кои Вардарци направија неколку недозволиви грешки против ваков противник и Барселона отиде на +5 (7-12). До полувремето избраниците на Парондо само за еден погодок ја намалија негативата и на паузата се отиде со 9-13 за Каталонците.
***
Беспрекорната одбрана без грешка Барселона ја демонстрираше и на стартот на вториот дел, дефанзива од која излегуваа молневити контри па Милосављев често ја вадеше топката од својата мрежа.
Парондо проба со неколку промени во формациската поставка, направи и неколку брзи измени но Дика Мем беше незапирлив за одбраната на Вардар.
Барса по неколку успешни напади се одлепи на 19-24 водство кое до крајот го зголеми и заслужено славеше со 26-30 (гол на Дибиров во последниот миг од мечот). Најефикасни кај домаќините беа Дибиров со шест гола и Кристопанс со пет а Чупиќ даде четири погодоци. Гостите триумфираа благодарение на одличниот голман Де Варгас и првиот стрелец Дика Мем кој постигна осум гола.
Овој пораз ги намали шансите на Вардар за првото место, а голем предизвик се наоѓа пред „црвено-црните“ и во следното коло кога се среќаваат со истиот противник, но на гости. По оваа победа, Барселона е на врвот на групата со 12 бодови, следуваат Вардар, Рајн-Некар и Виве Кјелце со по 10.