Јако е да си ја гледаш земјата на Светско. Убаво е ако можеш да си дозволиш да ја бодриш на лице место. Емотивно е кога ќе ја чуеш химната. Ама за овој на Велс - Иран не ни е јасно баш.
Иако веќе е нашироко апсолвирана тема, ова што го прават Јапонците одново и одново на секој турнир е стварно чудо. После историски, најголем триумф против една Германија на Светско првенство, во нивната соблекувална како во аптека. И на трибини исто. Победа е победа, прослава е прослава, ама на крај до последен пикавец собран.
Јапонците направија голема сензација откако после пресврт со 1-2 ја победија Германија. Во главниот град на земјата лудило од радости и еден интересен момент. Стотици пешаци чекаат да се вклучи зелено светло па се гушкаат на пешачки и познати и непознати. Трепка за црвено, се повлекуваат назад.
Најверните навивачи на црвено црниот тим, приредија ноќ за паметење на Градски. Вардар го совлада Железничар од Сараево со 2:0, а двата големи јубилеи, 75 години Вардар и 35 Комити беа одбележани со голем навивачки спектакл.
На илјадници Австралијци, претежно млади, не им сметало што поради различните временски зони, морале да станат во рани зори за да на еден од плоштадите во Мелбурн го гледаат мечот Австралија - Франција. Најхрабрите дури и пивнале некое пиво на гладно а после 10’ минути игра голема радост за голот и водството на „кенгурите“. Не издржаа сепак до крајот и светскиот првак ги испраши 4-1.
Има забава во Катар, ај ти. Особено ако сте навивач на Саудиска Арабија, па и репортер од Јапонија, чие известување се претвори во арапско шоу. А и него некако му легна друштвото.
Гиљермо Очоа важи за легенда на Мексико и еден од малкумината во историјата на фудбалот со учество на пет Мундијали. 37 годишниот голман на мексиканскиот клуб Клуб Америка кој има 132 настапи за репрезентација, синоќа му фати пенал на Левандовски за Мексико - Полска конечни 0:0. Погледнете ја радоста на децава.
Саудиска Арабија ја победи Аргентина во првото коло на Светско и ѝ го нанесе првиот пораз после 36 средби. Навивачите имаат потполно право да слават после овој сензационален резултат кој го остварија со пресврт.
Во Катар и не е така тешко да стигнеш до алкохол, само треба да налеташ на правите луѓе. Англичани запознале син на локален шеик кој ги однел во палатата на дружење и пиење. Се воодушевиле од целиот третмат, а им покажале и лавови, мајмуни и егзотични птици.
На отворањето играа Катар и Еквадор. Многумина го напуштија стадионот, ама малкумина останаа за да си го запазат редот, а тоа се јапонските навивачи, кои каде и да одат се познати по своето педантно чистење на трибините.
Хрватскиот музички пазар отсекогаш важел за конзервативен, не може таму секоја шуша што ќе му текне да излезе на јавна сцена. Како производ на тоа се и навивачките химни. Додека во Србија снимаше кој и што ќе му текне за Светското, во Хрватска таа улога ја имаа момците од Zaprešić Boys кои развалуваат пред секое Европско и Светско.
Еквадор испиша историја и стана прва селекција која успеала да слави над домаќинот на отворањето на Светско. Еквадорски навивач провоцираше на трибина домашен навивач, веројатно кажувајќи му дека победа со пари не се купува.
Светскиот вицешампион ќе има поддршка во Катар од своите верни навивачи. Група на Хрвати облечени како арапи, пееја песни и беа атракција во центарот на Доха. Хрватска првиот меч го игра против Мароко, во среда со почеток од 11 часот.
После многу нагаѓања дали смее или не смее да се пие, каде е дозволено, каде „ќе те апсат и носат во затвор“, најдобар опис на настаните од терен, во Катар, има главниот репортер на британски Скај Спортс, Кавех Солекол.
Навивачите на Вардар следната недела имаат јубилеен роденден кој ќе го прослават за време на македонско босанска пријателска пресметка. Ривалите се пофалија со нивниот транспарент.