Унгарци се степаа со полиција на Вембли во Лондон

Во Група И од квалификациите за Светско првенство 2022 синоќа имаше инциденти во Тирана и во Лондон. Албанските навивачи фрлаа се и сешто по полските фудбалери и направија прекин, а унгарските навивачи кои гостуваа во Англија, се степаа со полицијата.

Најголемо изненадување во октомвриските квалификации направи Унгарија која успеа да оддолее на „Вембли“ и да остане непоразена со европскиот вицешампион (1:1).  Гостите први поведоа од пенал преку Роланд Салаи во 24. минута, а стоперот Џон Стоунс успеа да израмни во 37’.

На првиот меч меѓу овие две селекции во Будимпешта пред неколку недели, унгарските навивачи жестоко го исвиркаа потегот со клекнување на колена на англиските фудбалери, а подоцна во текот на мечот и со разни предмети ги гаѓаа стрелците на головите.

Сега на реваншот во Англија унгарските репрезентативци одбија да клекнат на колено во поддршка на движењето BLM.

Подоцна започнала голема тепачка во гостинскиот сектор каде унгарските навивачи се судриле со полицијата.

„Веднаш после мечот полицајците влегоа на трибината со цел да приведат еден од гледачите поради нарушување на јавниот ред и мир поврзано со расизам во однос на еден редар. За време на приведувањето се случија мали инциденти во кои учестуваа и други гледачи. Редот беше брзо воспоставен и веќе немаше инциденти“, велат во полицијата од Лондон.

А КАКВА Е СИТУАЦИЈАТА ВО ОВАА ГРУПА?

Англија и покрај ремито со Унгарија, остана лидер во групата со 20 бода после 8 кола. Но уште не си загарантираа ниту прво место ниту бараж. За тоа ќе треба да не изгубат од Албанија во следното коло, а за сигурно прво место ќе им треба вкупно 4 бода во последните две кола (играат со Албанија и Сан Марино) и речиси сигурно ќе бидат први.

Полска со големиот триумф од 0-1 на жешкото гостување во Албанија (15 бода) освои три важни бода и сега има 17. За сигурно второ место Полјаците ќе треба да освојуваат бодови на дуелите со Андора и Унгарија. Албанија би можела да искористи некој нивен кикс но тешко дека тоа ќе го направи на „Вембли“ каде на Англија и се неопходни бодовите.

13 октомври 2021 - 09:34