Навивачите на Ница на оградата од својата трибина зад едниот од головите закачиле парола со која бараат посебни паркинзи и места за хомосексуалци.
Играчите 10 минути седеле во соблекувалните, додека банерот не се тргнел од местото. Веднаш откако навивачите го отстраниле, мечот продолжил. Ова не е прв случај на прекинат меч во Франција поради хомофобични дејства на навивачките групи, а уште е само трето коло.
На дуелот меѓу Брест и Рем, главниот судија во 53’ минута го прекинал мечот поради навредливи скандирања од страна на навивачите на сметка на ЛГБТ заедницата.
Исто така во главниот град, на мечот ПСЖ - Тулуз, навивачите на парискиот гигант извадија парола: „Апсења, хомофобија: првенството во демагогија почна“ со директно обраќање кон министерката за спорт Роксана Марасињан.
Во април месец годинава, министерката Роксана предложила прекинување на натпреварите во случај на хомофобни скандирања. Сезонава по указот на министерството за спорт, фудбалската федерација на Франција активно се бори со хомофобијата на стадионите.
ПСЖ после скандалот со банерот на навивачите на сметка на ЛГБТ заедницата, пишал отворено писмо до оние најжестоките во кое ги предупредува дека за хомофобија, расизам и дискриминација клубот има право да им ја одземе сезонската карта.
Прекини имало и на натпрварите Монако - Ним 2-2 кога гостинските навивачи ги навредувале челните луѓе на Лига 1 кои се залагаат за повеќе заштитни огради на самите трибини, и на мечот од Лига 2 меѓу Нанси и Ле Ман на 16 август.
Капитенот на Брест, пак, Матиас Отре смета дека казните нема да дадат резултат:
„Не сум сигурен дека ова е право решение. Навивачите ќе го прават тоа, а организаторите ако сакаат да ги прекинуваат натпреварите поради тоа, ќе мора секој викенд да прекинуваат мечеви“.