Градската власт во Сплит донела одлука да се открие спомен обележје кое би било двојазично и би вклучувало и кириличен натпис. Ова ги разгневило навивачите на Хајдук Сплит кои жестоко се бунат на каква било помисла на кирилично писмо.
„Градоначалнику, заменик градоначалнику и сите останати клошари скриени зад разни совети, одбори и иницијативи, имаме порака за вас! Никогаш, ама баш никогаш нема да ви дозволиме да ги валкате и газите хрватските бранители, нивните семејства и сите други Сплиќани и Хрвати ниту јавниот простор да го користите за обиди за одвратно собирање политички поени и тоа на начин да ги обезвреднувате вредностите и жртвите на Домовинската војна со поставување споменик на војници од непријателската и злосторничка војска. На таквите обиди, како и кирилицата, во Сплит им нема место! И, верувајте ни на збор, ова може да ви остане само на обид!“
Оваа остра и жестока порака на Торцида предизвикала додатни тензии во Сплит, а конечната одлука за поставување на плочата ќе зависи од гласање на Градското собрание откако Комисијата за именување на улици и плоштади веќе дала одобрение.
Сашко Гешовски е роден во Кавадарци на 31.10.1971. Загина на 6-ти мај 1991-ва година во Сплит по насилни националистички протести на локалното население на кои имало истрели од огнено оружје.
На плочата која на Сашко треба да му се постави, ќе стои натпис на латинично и кирилично писмо: „Сашко Гешовски, Кавадарци, 31.10.1971 - Сплит 6.5.1991. Несреќно настрадан на 6. мај 1991. година“.