Хорди руски хулигани планираат да се вгнездат во Марсеј летово, градот кај што ќе игра нивната селекција. Марсеј е познат како престолнина на криминалот и место каде англиските хулигани се судрија со локалците (претежно Тунижани) за време на СП 1998 година.
За разлика од ’98-ма, овојпат работите може да бидат многу полоши. Едни од најнасилните навивачи од Русија се собрани во групата Гладијатори кои го бодрат Спартак Москва.
Нивниот лидер Василиј „Убиецот“, целата младост ја поминал во закажување на масовни тепачки против лутите ривали ЦСКА и Динамо Москва. Но руските хулигани сега зацртале една единствена мета на ЕП: англиските навивачи.
Нема клупски обележја, нема реквизити, нема поделби. Една единствена цел, да се напаѓаат англиските хулигани, го открива Дејлистар планот на Русите кои ќе патуваат во Франција.
Василиј вели дека случувањата на теренот не му се приоритет него и на неговите другари: „Ме заболе колку добар перформанс имаат тие (Англичаните) на стадионите.“ Руските хулигани веќе со месеци „спартански“ тренирале за да бидат спремни за „настап“ на Европското. Руската полиција има само мал увид за некои од нив на кои ќе им се забрани патување во Франција.
“Нашата полиција е една од ретките која работи на запирање на најлошите изгредници да патуваат во Франција. Велика Британија има законска моќ да им забрани слободно патување на најпроблематичните“, вели Марк Робертс, заменик на шефот на Националниот Полициски Совет и додава дека француските колеги пратиле покана до нив да дојдат да им помогнат во спречувањето нереди.
Добра околност, ако така може да се каже е тоа што руските и англиските хулигани во тепачките влегуваат без студени оружја и не користат ножеви како што налага неформалниот „хулигански кодекс на однесување и облекување“, туку се „само на раце“.
Англија и Русија играат на 11. јуни во Марсеј, а проблеми би можело да има и во Париз каде на 12. јуни играат Хрватска и Турција. За најризични се сметаат: руските, полските, англиските, германските и хрватските хулигани.