Расистичка кореографија на навивачите на Легија Варшава

Полското фудбалско првенство ја стартуваше новата сезона, а навивачите на Легија Варшава кои се познати по отворените и скандалозни пароли, се истакнаа уште во прво коло.

„Добредојдовте бегалци“, гласи ироничната парола на навивачите на Легија кои имаат прикажано слика со двајца мажи и една жена.

Жената држи свинска глава, а мажите се со бејзбол палка и чекан.

Екстремните десничари во Полска често ја користат свињата како симбол на исламофобија и истураат свинска маст по границите на Полска низ кои минуваат мигранти од муслиманските земји.

Клубот се огласи, но не ја осуди постапката на своите навивачи.

„Клубот ги почитува различните ставови и погледи, стоиме заедно и ги поддржуваме сите на кои им е нанесена неправда. Затоа, меѓу другото, директно сме ангажирани преку бројни активности во однос на бегалците од Украина, која беше нападната од Руската Федерација во 2022 година. Креираме и спроведуваме програми и проекти за поддршка, образование, интеграција и градење заедница насочени кон децата и младите, болните и исклучените низ Полска, кои се особено поврзани со заедницата на нашиот клуб“, стои во дел од соопштението на Легија.

Инаку Легија Варшава славеше 2:0 против Заглебје во првото коло од полскиот шампионат. 

 
23 јули 2024 - 14:21