До управата на ФК Вардар:
На 6 август 2003 година во Скопје дојде ЦСКА Москва, клуб со страшен буџет и тим. Една недела пред тоа Вардар победи во Москва и по долго време ја потсети Европа дека и овде се игра фудбал. Јас бев 15 годишен копиљ што сонуваше дека неговата прва љубов ќе го продолжи сонот, дека ќе има ново чудо. Го измолив стариот за некој денар за да се вратам од семејниот одмор назад во Скопје и да навивам за Вардар на Градски. Морав да ветам дека нема да има журки дома, дека нема да има пиење, дека уште утредента се качувам во автобус за назад... Така и беше, немав потреба да го лажам стариот, само Вардар беше битен. Тогаш немаше нумерирани седишта на стадион, ако сакаш место одиш порано... 3, 4 саати порано. Памтам дека околу мене имаше луѓе со деца, луѓе чии срца беа полни затоа што нивните деца од најмали нозе можеа да се заљубат во Вардар, среќни што на клинците можеле да им го пружат тоа задоволство. Тие исти деца подоцна беа и се покрај Вардар на ниви и ораници, во добро и зло... Што мислите вие драга управо, кој ви ги купува сезонските карти и кој ја полни салата на ракометните натпревари?
Дали сте вие свесни какво беше чувството на нашата ЈУЖНА во моментот кога падна ЦСКА, дали знаете како се славеше, дали знаете колку клинци се заљубија во Вардар тој ден? Не верувам дека знаете, не верувам дека сте биле таму, затоа што прав Вардарец што разбира што значи овој клуб за Скопје не би ја ставил оваа цена за карти, прав Вардарец никогаш не би ја дал ЈУЖНА на гостите!!!
Тој милион евра што сакате да го заработите на 17ти не може да ја плати таа верност. Ретко кој ќе може децата да си ги однесе на натпреварот со Фенербахче, ако сака и да ги школува од септември нели.
Картава ја чувам, заедно со уште барем 100 други, за да можам на децата и внуците да им раскажувам дека сум бил на Градски додека Вардар херојски го заслужуваше своето место на насловните страници на европските спортски медиуми. И ќе им раскажувам, затоа што вие господа од управата сте пролазни, ама Вардар и нашата љубов кон клубот се вечни.
Радувајте се. Вардар за прв пат во својата историја ќе биде гостин на Градски. И за тоа вие ќе бидете заслужни. Вашиот потег заслужува само еден одговор - БОЈКОТ!!!
Уште нешто за цените клик тука.